Пад на индустриското производство во ЕУ и еврозоната за 1,2 отсто на годишна основа

20

Индустриското производство падна за 1,2 отсто на годишна основа и во еврозоната и во Европската унија, објави во средата статистичката служба Евростат.

На месечна основа, производството се зголеми за 0,5 отсто во еврозоната и 0,4 отсто во ЕУ, додава заводот за статистика, пренесува Anadolu Agency.

Во еврозоната производството на енергија е намалено во јуни за 7,8 отсто, интермедијарните производи за 6,3 отсто, а трајните производи за широка потрошувачка за 5,2 отсто во однос на истиот период од претходната година, додека производството на нетрајни производи за широка потрошувачка е зголемено за 0,2 отсто и капитални производи за 4,4 отсто.

Во ЕУ опаднало производството на енергија за 8,9 отсто, интермедијарни производи за 6,6 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 6,5 отсто, додека производството на нетрајни производи за широка потрошувачка е зголемено за 2,1 отсто, а на капитални производи за 4,8 отсто.

Од земјите-членки, најголем годишен пад има Естонија од 12,7 отсто, потоа Бугарија со пад од 9,3 отсто и Белгија со 7,6 отсто. Најголем раст забележаа Данска од 12,3 отсто, Ирска со 8,3 и Словачка со 3,6 отсто.