Пад на светските берзи

33

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела затоа што, поради зголемената инфлација, каматните стапки во САД ќе останат покачени подолго од очекуваното и затоа што деловните резултати на американските банки не се импресивни. На Волстрит, Dow Jones потона за 2,4 отсто, на 37.983 поени, додека S&P 500 падна за 1,6 отсто, на 5.123 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,45 отсто, на 16.175 поени.

Најголемата светска берза е под притисок бидејќи инфлацијата во САД не се намалува.

Минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени во март се зголемени за 0,4 отсто на месечно ниво, додека инфлацијата на годишна основа достигна 3,5 отсто, што е за 0,3 процентни поени повисока од февруари. Ова е поголем пораст на цените отколку што проценуваа аналитичарите, а основната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, исто така се зголеми повеќе од очекуваното.

Податоците покажуваат дека инфлацијата не е намалена во последните месеци и се уште се движи далеку над целното ниво на ФЕД од околу 2 отсто. Затоа, централната банка нема причина да брза со намалување на каматните стапки, што деновиве го порачуваат челниците на американската централна банка.

По овие податоци, надежите на инвеститорите дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки на јунската сесија речиси целосно избледеа. Мали се шансите процесот за намалување на каматите да започне во јули, па првото намалување на цената на парите сега се очекува во септември.

Прашањето е и колку пати ФЕД може да ги намали каматните стапки оваа година. Досега се очекуваше дека ќе биде трипати за 0,25 процентни поени, но се поизвесно е дека ќе има помалку кратење.

„Податоците за високата инфлација предизвикаа пад на цените на акциите. Не е само „тајмингот“ на првото намалување на стапката, туку и колку пати ФЕД ќе ги намали стапките оваа година“, вели Рајан Детрик, стратег во групацијата Карсон.