Пад на трошоците на живот во 2016 година

30

Во 2016 година, во однос на 2015 година, трошоците на животот и цените на мало бележат намалување од 0,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трошоците на живот во декември минатата година, во однос на претходниот месец, се пониски за 0,1%, а цените на мало останаа непроменети.

Намалување на индексите е забележано во групите: Храна и безалкохолни пијалаци и Здравје за 0,4%, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,2% и Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 0,1%.

Пораст на индексот е забележан во групите: Рекреација и култура за 1,2%, Транспорт за 0,5%, Облека и обувки и Останати стоки и услуги за 0,2% и Ресторани и хотели за 0,1%. На ниво од претходната година се групите: Домување, вода, електрика, гас и други горива, Комуникации и Образование.

Движењето на индексот на цените на мало во 2016 година, исто така, беше различно по одделни групи на производи.

Намалување на индексите е забележано во групите: Земјоделски производи за 0,8%, Услуги за 0,3% и Пијалаци за 0,2%. Пораст на индексите е забележан во групата Индустриско-непрехранбени производи за 0,3%.  Групата Индустриски прехранбени производи е на ниво од претходната година.

Индексот на трошоците на животот во декември 2016 година, во споредба со декември 2015 година, забележа намалување од 0,2%, а индексот на цените на мало забележа пораст од 0,1%. Индексот на трошоците на животот во декември 2016 година, во однос на претходниот месец, забележа намалување од 0,1%.

Намалувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на овошјето за 5,9%, рибата и морските плодови и млекото за 0,8%, другите прехранбени производи за 0,7%, алкохолните пијалаци за 0,6%, зеленчукот за 0,5%, оризот за 0,4% и безалкохолните пијалаци за 0,2%.

Исто така, во декември 2016 година, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано кај авионскиот превоз на патници за 6,5%, средствата за чистење и одржување на станот за 0,4%, услугите за рекреација и спорт за 0,3% и лековите за 0,2%.

Пораст на индексите на трошоците на животот во декември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај другите пекарски производи за 1,2% и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6%.

Исто така, во декември 2016 година, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај туристичките пакет аранжмани за 4,8%, информатичката опрема за 2,7%, течните горива за домаќинствата за 2,5%, течните горива и мазива за 1,4%, гасот за домаќинствата за 0,9%, електричните апарати – мали за домаќинствата за 0,4%, облеката, услугите и предметите за лична хигиена за 0,3%.