Падна инфлацијата и во Словенија

97

Годишната стапка на инфлација во Словенија во јануари е благо намалена – изнесуваше десет проценти, додека во декември минатата година беше 10,3 проценти.
На месечно ниво растот на цените изнесува 0,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во двете споредби, на инфлацијата најмногу влијаеле цените на храната и безалкохолните пијалоци, кои пораснале за речиси една петтина за една година.

За една година цените на стоките во просек пораснале за 11,1 отсто, а на услугите за 7,9 отсто. Стоките за дневна потрошувачка поскапеа за 13,5 отсто, трајните производи за 7,9 отсто, а полутрајните за 4,8 отсто.

Во вкупниот пораст на цените на годишна основа најмногу придонесоа цените на храната и на безалкохолните пијалоци. Тие се зголемени за 19,3 отсто од минатиот јануари, објави заводот за статистика.

Оттогаш, услугите и производите од групата рекреација и култура поскапеле за 10,1 отсто, станбена и покуќнина и тековно одржување на станови за 12,3 отсто, цврсти горива за 97,5 отсто, а ресторани и хотелски услуги за 12,1 отсто.

Од декември минатата година, храната и безалкохолните пијалоци поскапеа за 2,1 отсто. Алкохолните пијалоци и тутунот поскапеле за 3,9 отсто, а угостителските и хотелските услуги за 2,3 отсто.

Фото: Pixabay