Паѓа трговската размена меѓу Македонија и Косово

39

Трговската размена меѓу Македонија и Косово во првите шест месеци од годинава се намалила за 18,6%. Статистиката покажува дека за околу три милиони долари паднал извозот од Македонија кон Косово на земјоделско – прехранбените производи, тутунот, неметалите и црната и обоената металургија, додека поголем пад се бележи во делот на извозот на нафтата од рафинеријата ОКТА, која не работеше во изминатите неколку месеци.

Во Стопанската комора на Македонија стопанствениците од двете земји вчера ги анализираа причините за падот на размента и заклучиле дека тој најмногу се должи на економската криза, но и на отворањето на автопатот од Косово кон Албанија, со што пристаништето Драч стана поатрактивно за косовските компании кои претходно го користеле солунското пристаниште.

„Влијание има и нереализирањето на железничката и патната инфраструктура на која инсиситираме. Од косовска страна има најави дека до крајот на годинава ќе започне изградбата на автопатот од Приштина до македонската граница, а од премиерот Груевски добивме уверување дека идната година патниот правец до косовската граница од македонска страна ќе биде даден под концесија“, изјави вчера претседателот на СКМ Бранко Азески. Тој додаде дека ќе инсистираат и на изградба на далекувод меѓу Македонија и Косово, гасификација, како и користење на европските кредити во заеднички регионални проекти.

Претседателот на Стопанската комора на Косово, Сафет Ѓерѓалиу истакна  наскоро очекува отстранување ан сите бариери кои ја кочат економската соработка. И според Ѓерѓалиу, инфраструктурата е една од главните причини за падот на продажбата на македонската стока на Косово.

„Мораме да извршиме притисок врз властите да се ориентираат кон изградба и модернизација на постојните патиште и да се вложува во градба на нови автопатишта како што е планирано“, рече Ѓерѓалиу. Тој најави дека многу скоро ќе склучат нов договор за осигурување на инвестициите меѓу двете држави што ќе придонесе за ист третман на компаниите при изведба на јавните работи.