Од осум банки, колку што котираат на Македонска берза, четири имаат пораст на добивката во првите шест месеци во споредба со истиот период лани, додека кај другата половина се забележува пад на добивката.
Па така, Комерцијална банка во првите шест месеци од оваа година прикажа добивка од 751.808.000 денари, што е зголемување од 11,20% во споредба со првото полугодие од 2019 година, кога во билансот на успех прикажаа добивка од 676.088.000 денари.
Огромен скок од 1.454,14% има кај добивката на Стопанска банка Битола. Оваа банка од јануари до јуни годинава работеше со добивка од 52,4 милиони денари, додека истиот период лани прокнижија 3,3 милиони денари.
“Фокусот беше ставен врз наплата на нефункционалните побарувања што заедно со редовните нето приходи придонесе за остварување на позитивен финансиски резултат за периодот 01.01-30.06.2020 година, односно нето добивка во износ од 52,42 милиони денари“, стои во Образложението кон остварениот финансиски резултат.
Уни Банка има раст на полугодишната добивка во висина од 28,78%. Оваа банка, во првото полугодие од 2020 година прикажа добивка од 131,7 милиони денари, а истиот период лани се позиционираше на 102,3 милиони денари.
Пораст на добивката во однос на лани има и Централна кооперативна банка, којашто заклучно јуни годинава прикажа добивка од 8,3 милиони денари, а истиот период лани работеше со загуба од 12,9 милиони денари.
НЛБ Банка во првото полугодие прикажа добивка од 705,3 милиони денари, што, според нивната Анализа на финансиски резултати, е за 26,8% пониска во однос на остварената нето добивка истиот период претходната година (963,2 милиони денари).
Пад од 44,34% има кај добивката на Охридска банка, којашто заклучно јуни оствари добивка од 155,1 милион денари, додека во тој период во 2019 година имаше добивка од 278,7 милиони денари.
“Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од 1.1.2020 до 30.06.2020 г. изнесува 155,1 милиони денари, бележи намалување од 44,3% споредено со истиот период минатата година со реализација на планот од 70,5 %. На остварениот резултат влијание има работењето во услови на глобална пандемија и нејзините ефекти врз глобалната побарувачка и понудата на економски и финансиски ресурси, во услови на значителна неизвесност во економската активност на голем дел од деловните и економските субјекти“, стои во Коментарот за остварените резултати на банката.
Стопанска банка бележи намалување на шестмесечната добивка за оваа година од 9,75% во споредба со добивката за истиот период лани.
“Во периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година Стопанска банка АД – Скопје оствари нето добивка пред оданочување во износ од 1.057.284 илјади денари споредена со износ од 1.171.487 илјади денари остварена во истиот период минатата година. Намалувањето на добивката е пред се резултат на глобалната пандемија и последиците како на глобално ниво така и во домашната економија“, стои во Анализата на финансиските резултати.
И ТТК Банка бележи намалување на полугодишната добивка за 2020 во однос на 2019 година.
“Финансискиот резултат за периодот јануари – јуни оваа година изнесува 30,5 милиони денари, што е за 26,2 милиони денари или 46,2% понизок во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел од пониската капитална добивка од продажба на преземени средства како и од падот на пазарната цена на портфолиото за тргување во изминатиот период“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.
Банкарскиот сектор, којшто, според Народната банка, е здрав, стабилен и отпорен на шокови. Отпорноста на банкарскиот сектор на шокови се потврдува и преку спроведените стрес-тестирања, кои покажуваат добар капацитет на банките за апсорбирање шокови. Пред појавата на пандемијата домашниот банкарски сектор остваруваше стабилен и одржлив кредитен раст што се согледува и преку падот на стапката на нефункционални кредити, која се сведе на историски најниско ниво во 2019 година и која продолжи да се намалува и во 2020 година.