Пандемијата создаде нова класа на сиромашни

26

Низ Шпанија расте бројот на припадници од некогашната средна класа кои за првпат во животот мораа да побараат хуманитарна помош. Добар дел од нив се поранешни сопственици на мали бизниси коишто поради пандемијата се затворени.

Сопружници и поранешни претприемачи од Барселона имаат три деца, но во текот на пандемијата беа принудени да го затворат својот бар којшто им бил единствен извор на приходи. Поради тоа што не биле во можност да ги отплатат сите обврски, го изгубиле и станот. Сега живеат од хуманитарна помош, иако никогаш не помислувале на такво нешто, пренесува Euronews.

Но, тие за жал не се единствени кои од нигде никаде се нашле во таква ситуација. Специфичната економска криза што ја предизвика пандемијата влијаеше на создавање сосема нова класа – луѓе кои никогаш претходно немале потреба од хуманитарна помош, а сега се принудени да ја бараат. Скоро половина од оние кои се пријавиле за социјална и финансиска помош се таканаречени “нови сиромаси“. Тоа се луѓе кои за првпат во животот се социјално загрозени.

Се проценува дека пандемијата може да влијае на бројот на сиромашни во Шпанија за 1,1 милион лица. Земјата е посебно погодена од актуелната криза затоа што, според аналитичарите, го игнорирала значењето на “неформалната економија“. Сега голем број луѓе кои биле нејзин дел, немаат никакви приходи или државна помош.

Посебно од оваа криза се погодени самохрани родители, самовработени, сезонски работници, вработени во туристичкиот сектор и сопственици на мали бизниси.

Фото: Freepik