
Цената на становите е стабилизирана, барем така уверуваат дел од експертите кога станува збор за цената на метар квадратен стан во централното скопско градско подрачје. Овој тренд на раст на цената на становите се очекува да го смени текот особено за становите во подалечните градски општини. Но проблемот со квалитетот на архитектурата ќе остане, вели во интервју за „Локално“, архитектот Мартин Пановски.
–Оваа разлика во цената на недвижностите кои се во централното подрачје и на периферијата очекувам да се зголемува, што не значи дека очекувам понатамошно зголемување на цените во централното подрачје, туку намалување на цените на периферијата на градот. Се надевам дека адекватно на цената ќе расте и квалитетот на архитектурата во централното градско подрачје, вели Пановски.
Во ситуација кога цената на станбениот квадрат во Скопје одамна го надмина износот од 2.000 евра, не се намали интересот на купувачите а акутен останува проблемот со сè потешкото справување со децениски старата инфраструктура и оновните начела на урбанизмот.
-Планирањето на градот наликува на наелектризирана кавга, каде од една страна имате инвеститори кои нормално работат за што повеќе профит и од друга страна имате луѓе на кои им е единствено важно јавно да покажат „морална супериорност“ и да соберат поени на политичката или социјалната сцена. Резултатот на ваквиот дискурс на суети никогаш не може да биде добар и секогаш ќе победи тој што го има капиталот , подвлекува Пановски.
Во однос на фактот дека со експанзија на градежништвото се зголемија проблемите на граѓаните во однос на неквалитет на елементите искористени во изградба и опремување на објектот, Пановски има впечаток дека граѓаните единствено што знаат е колку квадрати купуваат.
-Пред потпишување на договорот или преддоговорот за купување на стан добро е граѓаните да се консултираат со стручни лица, архитекти, адвокати, агенти за осигурување и сл. за да знаат што купуваат, кои им се правата и обврските, дали имаат гаранција и за што. Имам впечаток дека граѓаните во голем број случаи не знаат точно што купуваат. Единствено знаат дека купуваат квадратни метри имот.











