Парите кои се надвор од системот да влезат во оптек 

76

Согласно актуелни барања во изминатиот период, законски ќе се создаде можност за регистрација на возилата кои сега се со странски таблици со давачки намалени за 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз, рече Зоран Заев во емисијата Економски магазин.

“Возилата за кои е поднесено барање за регистрација треба да го исполнуваат еколошкиот стандард за увоз, над евро 4 стандардот. Дополнително се вградува механизмот европски, а тоа значи сите следни кои ќе останат со странски таблички, мора да го почитуваат европскиот механизам, а тоа е три месеци во државата и најмалку три месеци возилото да биде надвор од земјата. Системите на МВР сето ова ќе го следат. Пресекот го правиме на први октомври, што значи можноста е дадена за сите возила кои се влезени пред први октомври, а ги исполнуваат еколошките критериуми. Целта на ова решение е регистрацијата да биде дома, тие средства одат понатаму за патишта, за општините, како и за важни фондови“, рече Заев.

Во врска со ставање во оптек на парите кои се надвор од системот, Заев подвлече дека како и за сите останати процеси, така и за овој има законски критериуми за од една страна да се спречат одредени манипулации, но од друга страна ресурсите да се стават во функција на развој.

“Подготвени сме да креираме политики да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој ‘мртов капитал’ во финансиски промет, поточно да инвестираат. Средствата што ќе се легализираат ќе се даночат за да се полни граѓанскиот буџет за проекти за граѓаните. Потеклото на парите ќе се проверува и оваа можност нема да важи за оние за кои се водат судски постапки има обвиненија за нелегален бизнис, криумчарења и слично. Сето ова постои во европските земји. Во координација сме со Делегација на ЕУ за да се стави и овој ресурс во функција на развој на државата.  Лицата кои ќе ги внесат парите на сметка плаќаат 10% и во следните две години треба да ги инвестираат средствата, во недвижнини, да купат акции во компанија, да инвестираат. Поточно да се стават парите во функција на личниот развој, а државниот развој е всушност личниот развој на секој поединец или правен субјект во државата. Втората опција е да купи државна обврзница со нула каматна стапка“, рече Заев и додаде дека за сите граѓани во земјата како и за нашите државјани надвор од границите ќе важат истите услови.

Фото: Freepik