Печалбарите дома испратиле околу 147 милиони евра за девет месеци

116

Македонските печалбари за девет месеци од минатата година испратиле околу 147 милиони евра дома, на своите најблиски, покажува Извештајот на Народната банка за платниот биланс во делот на дознаки од работници.

Ако се соберат пак годишните податоци, излегува дека за неполни 15 години македонските граѓани кои работат или живеат во странство испратиле во земјава речиси 2,8 милијарди евра, а за 17 години пак сумата надминала три милијарди евра, анализира порталот Analitika.mk.

Колку Македонци се иселени во странство, односно колкава е македонската дијаспора и колку во моментов работат во некоја од соседните земји или Европа, нема прецизни податоци, освен тие на Светска банка кои покажуваат дека за 10 години од земјава си заминале половина милион граѓани.

Според експертите дознаките од печалбарите позитивно влијаат на домашната економија. Но, официјалните бројки се далеку помали од реалните пари кои влегуваат во земјава од македонската дијаспора.

“Дознаките остануваат многу важни за македонската економија. Бројката којашто ја цитирате е конзервативна оценка, бидејќи ги потценува приливите кои доаѓаат по неформални канали. Според некои проценки, дознаките се минимум 500 милиони евра годишно и во повеќе години наназад ги надминуваа приливите од странски инвестиции. Според квантитативни пресметки тие придонесуваат за намалување на сиромаштијата за околу три процентни поени, што е слично со ефектот од социјалната помош“, изјави Марјан Петрески, универзитетски професор.

На макро ниво го стабилизираат платниот биланс, бидејќи честопати се користат за затворање на трговскиот дефицит со што ја чуваат макроекономската стабилност. Додека пак на микро ниво, влијаат врз сиромаштијата, образованието, здравството и врз распределбата на доходот, односно го намалуваат јазот меѓу богатите и сиромашните во земјава.

Податоците на Народната банка покажуваат дека лани најмногу пари на сметките на граѓаните кои имаат некој близок во странство легнале во месец мај или 18,7 милиони евра, а приближно иста сума на пари биле префрлени и во последниот месец за којшто има статистика – септември. Или гледано по месеци, во јануари работниците од странство испратиле 13,3 милиони евра, во февруари 13,6 милиони евра, во март 16,3, потоа 15,6 во април, 18,7 во мај, 16,5 милиони евра во јуни. Во третото тримесечје лани во јули биле испратени 18,1 милион евра, во август 15,8 и во септември 18,6 милиони евра. Гледано пак по години најмногу пари од дијаспората во земјава стигнале во 2015 година – 208,3 милиони евра, а најмалку во последните 15 години во 2005 година – 136,6 милиони евра.

Анализата на бројките по години покажува дека во 2018 година како дознаки од работници во Македонија биле пратени 200,1 милиони евра, во 2017 година биле 193,6, потоа 192,8 во 2016 година, 208,3 во 2015 година, 203,6 во 2014 година, 191,3 во 2013 година, 198 милиони евра во 2012 година, 194,8 во 2011 година, 196,3 во 2010 година, 186,2 во 2009 година. Потоа 180,9 милиони евра во 2008 година, 174,3 во 2007, во 2006 година 157,1 и во 2005 година сумата изнесувала 136,6 милиони евра.

Фото: Pexels