Пеколна недела за биткоинот – зошто за викендот вредеше само 31.000 долари?

Распродажбата на биткоини, која започна во средината на минатата недела, продолжи за време на викендот. За време на викендот најпознатата дигитална валута вредеше далеку под 40.000 американски долари, што е драстичен пад во споредба со неодамнешниот резултат – кога достигна висина од над 60.000 долари.

Падот, меѓу другото, е последица на новата одлука на кинеските и американските власти да ги заострат регулативите и да го усогласат данокот за криптовалутите. Биткоинот падна за 16% во неделата на 31.772 долари, но во меѓувреме малку закрепна и сега вреди 36.300 долари.

CNBC потсетува дека во петокот попладне со дигиталната валута се тргуваше по цена од 35.981 долари. Иако оваа криптовалута оствари неверојатен напредок во текот на 2020 година и почетокот на 2021 година, ваквите варијации се доказ зошто се смета за “ризичен имот“.

Распродажбата на биткоин претставува голем пресврт од претходниот тренд, кога оваа дигитална валута зајакна силно како резултат на поддршката меѓу големите банки на Wall Street и компании со кои јавно се тргува. Во мај се случи ненадејна промена, пред сè по низата негативни наслови поврзани со изјавите на влијателни инвеститори и бизнисмени.

Меѓу нив е и Илон Маск, шефот на компанијата Tesla, чии твитови влијаеја и на падот на вредноста на смешниот доџкоин. Етереум забележа уште поостар пад во неделата и во еден момент потона за дури 18%, на 1.922 американски долари, што е за 60% под неговата рекордна вредност – забележано на почетокот на мај. Тогаш се тргуваше по 4.382 долари.

Етереумот сега вреди околу 2.200 долари, а со доџкоин се тргува по цена од 30 центи, што е исто така 60% под рекордното ниво од почетокот на мај, кога вредеше 74,07 центи.

Фото: Freepik