Пендаровски: Кога ќе ни дојде редот, тогаш ќе се вакцинираме, небитно на која функција сме

59

За да нема никаков сомнеж за имунизацијата која почнува помасовно од утре натаму, дека некој од нас може да ја злоупотреби позицијата на која се наоѓа и преку ред да биде вакциниран, на Советот за безбедност се договоривме од утре, сите ние – претседател, премиер, министри и други државни функционери, да се пријавиме на сајтот на Министерството за здравство како секој друг граѓанин и кога ќе ни дојде редот, според предвидените категории, тогаш сите ние ќе се вакцинираме. Значи, сосема небитно на која функција сме. Ние сме, така треба да биде за многу други работи не само за ова, исти со сите други граѓани кои живеат во оваа земја.

Ова го порача претседателот Стево Пендаровски, по 12-тата седница на Советот за безбедност, на која беше разговарано за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 на територијата на Република Северна Македонија, за преземените мерки и за планираните активности од страна на надлежните институции.

Членовите на Советот дискутираа за активностите на надлежните органи за спрaвување со пандемијата на Ковид-19.

“Знаете, поминуваме низ најсилната фаза на пандемијата до сега. Капацитетите на македонското здравство се оптоварени до својот максимум. Членовите на Советот побараа користење на сите расположливи ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита. Државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто до сега не се случило, ниту пак ќе се случува од сега“, рече Пендаровски.