Песимистички очекувања на германските компании

26

Индексот за деловна клима на IFO, кој се лизна на 85,7 поени во август, од 87,4 поени во јули, покажа дека германските менаџери се во лошо расположение поради актуелната ситуација, како и краткорочната перспектива на бизнисот

Како што соопшти германскиот институт IFO, кој го објавува Индексот за деловна клима врз основа на анкета на 9.000 компании, ова е четврти последователен пад на тој показател, додека оценката за состојбата на активност падна на најниско ниво од август 2020 година.

Индексот на деловната клима забележа пад во секторите преработувачка индустрија, услуги, трговија и градежништво.

„Кога станува збор за производството, индексот на деловната клима е во негативна зона за прв пат од октомври 2020 година, а компаниите најмногу се пожалија на падот на новите нарачки“, вели Клеменс Фист, претседател на Институтот IFO.

Во услужниот сектор, како што посочи, деловната клима значително се „олади“.

„Давателите на услуги беа очигледно помалку задоволни од моменталната состојба и очекуваат дополнително влошување“, рече Фист и појасни дека слабостите забележани во производниот сектор тежат и врз услужните индустрии како транспортот и логистиката.

Индексот за деловна клима на ИФО падна и во трговијата, каде анкетираните бизнисмени значително понегативно ја оценија моменталната состојба во нивниот бизнис од претходно, а нивните одговори укажуваат и дека нивните краткорочни очекувања станаа уште помрачни.