Пет мерки за помош на туристичко-угостителскиот сектор, аплицирање до 27 ноември

49

Грантови за туристичките агенции, рестораните за свадби и игротеки ќе се доделат во рамки на четвртиот пакет економски мерки за справување со корона кризата. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги презентираше петте мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, во вредност од 7,5 милиони евра

Со нив се предвидува:

  • Враќање на туристичката такса за 2019 година за сите угостителски објекти за сместување
  • Грантови за туристички агенции – износот на помошта ќе зависи од приходот остварен во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата – најмногу ќе изнесува до 180.000 денари за Б-лиценца и до 430.000 денари за А-лиценца. Вкупниот износ за оваа мерка во буџетот е 116.850 денари.
  • Ресторани за свадби – грантовите за ресторани што организираат свечености, свадби и настани се наменети за оние кои имаат пад на приходите повеќе од 75 отсто. Износот зависи од остварениот вкупен приход во 2019, бројот на вработени и видот на решението за категоризација, а сумата на помошта може да изнесува од 180.000 до 600.000 денари за правен субјект. Вкупно се издвоени 60 милиони денари за оваа мерка.
  • Игротеки – сумата ќе се одредува во зависност вкупниот приход на субјектот, а може да биде од 90.000 денари до 300.000 денари. За оваа мерка се предвидени 153 милиони денари во буџетот.
  • Туристички водичи – грант во износ од три просечни плати, односно по 65.000 денари за секој туристички водич кој поради ковид не можеше да работи. Вкупно се издвоени 9,8 милиони денари за оваа мерка.

Бектеши информира дека за помошта ќе може да се аплицира до 27 ноември преку платформата Дома си е дома, a парите ќе бидат исплатени до крајот на годинава.