Петти семинар Жени во Бизнис во НЛБ Банка

32

На седми овој месец, со почеток од 10 до 14 часот во НЛБ Галеријата, се одржа петтиот по ред семинар Жени во Бизнис во соработка со Европска банка за обнова и развој (ЕБОР). Овој семинар е дел од програмата Жени во Бизнис финансирана од ЕБОР, Шведска, Луксембург и Специјалниот фонд на акционери на ЕБОР и имплементиран во соработка со НЛБ Банка АД Скопје.

Темата на семинарот беше Моќта на брендирањето, а на истиот присуствуваа 40-тина претставнички и лидери на компании, кои имаа можност да добијат корисни совети. Истовремено, овој настан претставуваше исклучителна можност за клиентите да ја прошират нивната мрежа на бизнис контакти, да сретнат други Жени во Бизнис од Македонија, да го споделат нивното знаење и искуство за успешната соработка со НЛБ Банка.

Договорот во висина од три милиони евра за поддршка на жените претприемачи во Македонија, помеѓу НЛБ Банка АД Скопје и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е дел од регионалната иницијатива за Западен Балкан – Жени во Бизнисот.

Оваа сеопфатна програма е креирана за промовирање на претприемништвото кај жените, помагајќи им на малите и средни претпријатија управувани од жени во пристапот до финансии и советодавни услуги, овозможувајќи им да остварат раст во работењето.

Програмата Жени во Бизнис е наменета и специјално фокусирана кон мали и средни претпријатија предводени од жени. Овозможува пристап до кредити во износ до 300.000 евра за финансирање на основни средства, но и на средства за тековно работење, по многу поволни услови, со рок на отплата до пет години.

Програмата воедно, нуди нефинансиска поддршка, преку советодавни услуги за изработка на бизнис стратегија, маркетинг, сметководство и информатичка технологија, вклучување во  програма за менторство, како и континуирана поддршка на бизнисот, преку локалните советници.