Peugeot и технолошкиот развој на седиштата

31

Седиштата се навидум едноставен, но исклучително важен и хипертехнолошки дел од ентериерот на секој автомобил.

Со оглед на се поголемата конкуренција во автомобилската индустрија, ентериерот на возилата стана мошне важен фактор кај купувачите при изборот на автомобил. Peugeot направи вистинска револуција со својата широка употреба на i-Cockpit во речиси сите автомобили. Францускиот бренд продолжува реосмислување на внатрешноста на автомобилите со цел да им го олесни изборот на купувачите при нивниот избор, а по i-Cockpit, Peugeot се погрижи и обрна особено внимание на седиштата. Навидум едноставен дел од секој автомобил, седиштата преку својот технолошки развој стануваат сѐ покомплексни, но и поважни елементи во возилата. Седиштата се предмет на голем број стандарди, а истовремено треба да ги исполнат очекувањата на клиентите. Пред сѐ, фокусот е ставен на безбедноста и удобноста на патниците, но седиштата мора да обезбедат карактеристична и прилагодлива визуелна слика за возачите.

Автомобилските седишта минаа низ низа важни технолошки ревизии во изминатите шест децении. Првите прилагодувања на седиштата, односно подесување на аголот за потпирачот на грб, висината и ред други работи, се појавуваат во 1955 година, а Peugeot повторно се појави како револуционер и во оваа област, откако понуди опција за целосно хоризонтални седишта во моделот 403 кој беше предвесник на модерната ера. Веќе во 2007 година Peugeot со лансирањето на новата платформа EMP2 го започнува развојот на вкрстеното засилување на предните седишта, кое за прв пат е вградено во првата верзија на Peugeot 308 во 2014 година. Оваа рамка се користи и на платформата CMP, а комплетното седиште се состои од 150 делови и е составено од возачко место, совозачко место и задно седиште, што претставува економски предизвик, со оглед на цените за трошоци при производството.

Познато е дека седиштата поради секојдневната употреба подлежат на голем број силни и разновидни дневни предизвици како што се отпорноста, употребата и абењето и температурата. Зависно од географската област, поимот удобност може да се разликува, а во Европа тој се фокусира на удобноста на предните седишта. Европскиот купувач сака во својот автомобил да има прецизност во држењето на телото, странична поддршка и поддршка по долги патувања. За задната клупа, побарувачката се однесува на идејата за преклопување.

Можеби делува како едноставен дел, но седиштата се вистински предизвик за производителите. Тие треба да се соочат и да ги пресретнат очекувањата на клиентот, од чија гледна точка, седиштата треба да исполнат три приоритетни функции – поставеност, удобност и безбедност. Седиштата даваат важен придонесе во типологијата на возилото, што е специфично за секој бренд.

Брендовите кои се дел од PSA групацијата дефинираа стратегија за разграничување преку кое јасно се изразува препознатливата ДНК на секој бренд, поради потребата на клиентите да се идентификуваат со брендот. Кога станува збор за Peugeot, купувачите тука очекуваат динамични и вертикални седишта со цврста поддршка.

Седиштата на иднината

Неизбежно е и сосема очекувано седиштата да доживеат големо влијание од модата, односно боите и материјалите кои ќе се користат за тапацирот на седиштата да бидат инспирирани од најновите трендови во урбаниот живот, поради што еволуцијата на седиштата никогаш нема да запре, а Peugeot во изминатите години неуморно го следи овој тренд, не само за седиштата, туку и општо кога станува збор за внатрешноста на своите возила

Благосостојбата на возачите исто така е интегрален дел од грижите на дизајнерите при создавањето на совршеното седиште. Најновите иновации во Peugeot вклучуваат внесување на воздушни перничиња во пената, со цел прилагодување на седиштата на морфологијата на патниците. Како неизбежен дел од модерното време и напредните технологии, Peugeot како опција за голем број свои возила нуди и систем за масажа на грбот, карактеристика која е мошне важна и ценета при долгите и напорни патувања.

Со оглед на тоа дека автомобилската индустрија се насочува кон трендот на беспилотни автомобили, односно автономно возење, седиштата повторно ќе имаат клучна улога во дизајнот на ентериерот. Новите седишта ќе мораат да понудат повеќе можности при трансформацијата на патничкиот простор. Вакво нешто видовме во e-Legend концептниот автомобил, а целта е времето поминато во автомобилот да биде релаксирано. Со текот на времето и новите композитни материјали ќе ја заменат делумно металната рамка на седиштата, со што ќе се понуди поголема суптилност и ослободување на поголем простор во патничката кабина.

Веројатно токму поради тоа, но и препознатливоста по својата тенденција кон совршеноста во развојот и иновацијата, историјата на Peugeot кога станува збор за седиштата – навидум едноставен, но всушност хипер технолошки дел и неизбежен детаљ во модерната ера на автомобилите – сѐ уште не е завршена, а сигурни сме дека во француската компанија ќе успеат да направат и нова револуција на пазарот кога станува збор за ентериерот во автомобилите.

Преземено од Avtoplus.mk