Пиете кафе, па ја јадете чашата – компанија најде начин да ја замени пластиката

68

Пластичните чаши за еднократна употреба одамна се познати како сериозен извор на загадување, поради што се развиваат алтернативи за повеќекратна употреба.

Компанија од САД отиде чекор понапред, направи чаши за пиење кои се  јадат. Направени се од житарки и се 100 отсто природни, без ГМО, вештачки засладувачи и бои, а Њујорк Тајмс ги прогласи за еден од врвните трендови во прехранбената индустрија минатата година, пренесува еКапија.

Според Амаи, компанијата зад овој производ, 137 милиони чаши за еднократна употреба се фрлаат секој ден ширум светот. Затоа решиле да направат вегански чаши кои не ја загадуваат природата, а бидејќи немаат заштитен слој, не го менуваат ниту вкусот на пијалокот. Отпорни се на влага 45 минути, како и на температура од 100 степени. Сепак, тие можат лесно да се држат бидејќи топлината не се пренесува на рацете.

Содржат 230 милилитри течност, па се идеални за еспресо, чај, супа, но и за ладни пијалоци и сладолед. Според компанијата, шолјите имаат само 56 калории, а остануваат крцкави дури и откако ќе го завршите пијалокот. Одлични се и за луѓе склони кон алергии бидејќи не содржат јајца, млеко или јаткасти плодови.

Меѓутоа, ако не сакате да ги јадете, не треба да се грижите за отпадот, бидејќи тие природно се распаѓаат за неколку недели.