Пивара Скопје ќе им помага на младите да се вработат или да почнат сопствен бизнис

33

FOTO_Pivara 1

Пивара Скопје и Агенцијата за вработување потпишаа договор за реализација на бесплатна обука за стекнување знаења и вештини којашто ќе им помогне на младите невработени лица полесно да ги надминат пречките при вработување или ќе ги охрабрат да започнат свој бизнис, стои во соопштението.

Оваа година предвидено е обуката да ја поминат над 100 млади невработени, а плановите се во наредните пет години нивната бројка да надмине 5.400 лица.

“Преку проектот ,Вештини за успех’ сакаме да ги мотивираме и охрабриме младите да ја земат иднината во свои раце, со тоа што ќе им овозможиме да стекнат вештини кои ќе им помогнат полесно да се вработат или да почнат сопствен бизнис. Горди сме што на ваков начин отвораме нови перспективи за младите, придонесуваме за зголемување на вработувањето и за натамошен развој на претприемачката култура во земјата“, истакна генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.

Целокупните трошоци за реализација на обуката ги покрива Пивара Скопје, со што се овозможува тие да бидат целосно бесплатни за учесниците. Задачата на партнерот во овој проект – Агенцијата за вработување беше да помогне во процесот на одредување на кандидатите на кои најмногу им е потребна ваков вид обука, при што предност имаа младите од социјално ранливите категории.

“Овој проект одлично се вклопува во мерките и напорите на надлежните државни институции и Владата за натамошно намалување на невработеноста, особено кај младите. Сметам дека досегашните резултати на овој едукативен центар и добро дизајнираната програма за обука се доволна гаранција дека ќе се постигнат посакуваните ефекти. Затоа ние како институција веруваме во овој проект и го поддржуваме“, изјави директорката на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска.

Оваа обука е екстензија на долгорочната програма за развој на младите што се реализира во Едукативниот центар на Пивара Скопје уште од 1997-ма година.

“Преку обуките младите ги унапредуваат своите комуникациски вештини, стекнуваат знаења од областа на финансиите и деловното работење, за креирање и водење на развојни планови и проекти, за ефикасно водење преговори и продажба, како и за ефективна организација, управување со времето и воспоставување врски со релевантни ментори. Покрај менаџерите во Пивара Скопје, како предавачи на обуките се вклучени и други водечки претставници од бизнисот, експерти од академската заедница, од јавните институции, како и од реномирани меѓународни организации“, објаснува Зоран Костовски од компанијата за деловна едукација Мотива, која од самите почетоци е партнер на Едукативниот центар на Пивара Скопје.

Во изминатите 19 години, програмата на Едукативниот центар на Пивара Скопје ја поминале повеќе од 3.800 млади од кои голем дел биле невработени или на почетокот на својата кариера. На повеќе од 80% од учесниците оваа програма им помогнала да најдат работа, а околу 4% од нив ги охрабрила да започнат сопствен бизнис. За евидентните резултати и својот општествен придонес Едукативниот центар на Пивара Скопје ја доби ’Националната награда за општествено одговорни практики’ за 2011-та година, во категоријата ’Вложување во заедницата’. Центарот е член на Европскиот совет за деловна едукација со седиште во Женева, Швајцарија.