Пивара Скопје со инвестиција од 1,4 милиони евра во нова современа опрема 

18

foto_nova-oprema-2

Пивара Скопје ја претстави новата опрема за полнење во чија набавка и инсталирање се вложени над 1,4 милиони евра, со што вкупните инвестиции на компанијата во производството на пиво и безалкохолни пијалаци во изминатата деценија надминаа 40 милиони евра, стои во соопштението.

Со капацитет за полнење, којшто достигнува и до еден милион шишиња за едно деноноќие, новата софистицирана опрема го зголеми за 30% вкупниот капацитет на постојната линија за полнење на пиво во Пивара Скопје. Дополнително, поради својата флексибилност, новата опрема овозможува зголемување на можностите и иновациите во проширување на асортиманот на пакување на пивото во стаклена амбалажа со нови форми и димензии.

“Сведоци сме на еден исклучително значаен момент за сите нас во Пивара Скопје, за нашите партнери, за потрошувачите и секако за целата домашна индустрија за производство на пијалаци. Оваа нова, технолошки напредна опрема за полнење е многу повеќе од обична машина. Тоа е инвестиција којашто отвора ново поглавје во развојот на Пивара Скопје, но и нов поттик за развојот на целокупната пивска индустрија. Со најновото вложување, вкупните инвестиции на Пивара Скопје во иновации, модернизација на производството и останатите сегменти, во последните 10 години надминаа 40 милиони евра, со што долгорочно се гарантира одржливиот развој на компанијата, се зајакнува нејзината конкурентност, како и силното позитивно влијание врз зедницата и домашната економија“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.

Новата современа опрема за полнење на пиво во стаклени шишиња е произведена специјално за потребите на Пивара Скопје, од страна на реномираниот светски производител на ваков вид опрема – компанијата Кронес. Официјалниот почеток со работа на новата опрема следува по скоро тримесечни темелни подготовки, калибрирања и тестирања на нејзините перформанси, со што се обезбедени сите гаранции дека новата опрема, со своите напредни технички и технолошки можности, ќе го зголеми нивото на сигурност и брзина во производството и ќе обезбеди да се задржи високиот квалитет на пивото.

“Пивара Скопје отсекогаш применувала најсовремена технологија за производство на пиво, којашто во комбинација со знаењето, вештините и искуството на вработените, стекнати во изминатите 93 години, ни овозможува да создаваме пиво според највисоките стандарди и критериуми за квалитет. Оваа нова современа опрема, со своите врвни перформанси и напредни технолошки решенија е одлично продолжение на успешната приказна за создавањето на пивото со кое сите ние се гоордеме и во кое уживаме“, вели менаџерот за производство на пиво во Пивара Скопје, Кирчо Стојанов.

Значајна карактеристика на новата опрема за полнење на пиво е нејзината висока ефикасност. Таа е целосно компатибилна со системите за заштеда на вода и енергија во Пивара Скопје, со што компанијата уште еднаш ја потврдува својата долгорочна определба за заштита на животната средина.