Пивофест отворен со плескавица од 90 килограми

25

Во Прилеп синоќа беше отворен 12 Пивофест. Илјадниците посетители ги забавуваа музички ѕвезди од земјава и од странство, а фестивалот го отвори Даниел Кајмаковски, победникот на Х – фактор, додека гостите на официјалното отворање ги поздрави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

“Чест ми е што дојдовме до 12 издание на најголемата македонска и балканска манифестација од ваков вид која нуди убав пенлив пијалак, вкусна надалеку позната скара и голема забава. Особено е убаво што има големи јубилеи годинава. Најголемите македонски пиварници прославуваат 90 години од постоењето, а градот ги одбележува своите 1000 години. Нека биде големата забава сите четири фестивалски дена, а прилепчани со големо гостопримство ве пречекуваат“, им порача Ристески на посетителите од големата бина на плоштадот Александрија, пренесува Миа.

Една од двете најголеми пиварници во земјава, Скопската, на спектакуларен начин, токму на Пивофест, го одбележа 90-годишниот јубилеј, за што за сите гости на фестивалот беше приготвена плескавица од 90 килограми месо. Плескавицата ја претставија, новиот генерален директор на Скопската пиварница, Александар Ружевиќ и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

“Пиварницата прославува голем јубилеј, 90 години од своето постоење. Бидејќи ги навикна купувачите на рекорди, овој јубилеј го одбележуваме на спектакуларен начин со плескавица од 90 килограми. Секоја година од успехот, еден килограм плескавица за нашите конзументи и пријателите“, изјави Ружевиќ.

Плескавицата четири часа ја приготвуваа 24 вработени во хотелот Салида.

“Направена е од познатиот прилепски амур за скара помешан со скопско што даде посебен вкус“, вели Диме Ѓорѓиоски, еден од сопствениците на хотелот Салида од Прилеп.