По 52 години: Поранешно Матично ќе се реконструира во нов младински центар

32

После 52 години од неговата изградба објектот на старото Матично во склоп на бараките на Општина Центар денеска почна да се реконструира и ќе биде Младински центар.

Со реконструкција на поранешниот објект Матично, Општина Центар ќе го отстапи просторот за реализација на програмските активности на Младинскиот центар, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржи во интерес на младите. Општината ќе кофинансира со 83 % од вкупниот износ за целосна реализација на проектот и отворање нов Младински Центар во градот.

“Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект Матично, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Градежните и градежно – занаетчиските работи ќе се изведуваат на површина од 470 метри квадратни и ќе имаат за цел да обезбедат зголемување на енергетската ефикасност на објектот и обезбедување соодветни услови за лицата со посебни потреби. Ќе се врши целосна промена на кровниот покривач со поставување термоизолација, целосна реконструкција на водоводната и електричната инсталација, промена на нова фасадна столарија со нови енергетско ефикасни прозори, како и поставување нови подови, ѕидни облоги, нови тоалети и ново осветлување.

Вкупното чинење на реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282,00 денари со вклучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83% од финансиски средства, односно 5.768.074 денари од Буџетот на општината за 2020 година, а останатите 1.173.208 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.

Градежните активности се планираат да завршат во наредните 50 дена.

Фото: Facebook