По бесплатниот роаминг во земјите од Западен Балкан, следи поевтин роаминг и со земјите од ЕУ

62

Европската унија планира да започне т.н “патна карта“ што ќе ги одреди условите и целите за намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, беше речено вчера во Брисел.

По тој повод, европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, разговарал со претставниците на телеком операторите од регионот.

“Имав добри разговори со телекомуникациските оператори од регионот за тоа како да се постигне напредок во намалувањето на цените на роаминг и во рамките на Западен Балкан и во регионот со ЕУ. Подготвени сме да ги поддржиме инвестициите за да го направиме ова реалност“, напиша Вархеји на својот Твитер профил.

На самитот на ЕУ на Западен Балкан, како дел од дебатата за Економскиот и инвестицискиот план за регионот, една од темите ќе биде создавање услови и постепено намалување на цените на роаминг од земјите од Западен Балкан и ЕУ.

ЕУ го поздравува успешното спроведување на регионалниот договор за роаминг, што овозможи започнување на бесплатен роаминг меѓу земјите од Западен Балкан од 1 јули 2021 година.

Се додава дека намалувањето на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе биде надградба на оваа регионална иницијатива.