Автопат претставува највисока сообраќајна класа на пат, а нивната застапеност и поврзаност е значаен показател за развојот на една држава. Вака Al Jazeera Balkans ја почнува анализата за тоа колку километри автопат има во регионот.
Хрватска, со повеќе од 1.300 километри автопат, е лидер по бројот на изградени километри, додека Црна Гора сè уште ги чека своите први километри. Подобар показател, како што се наведува, за развиеност на мрежата на автопати, е густината на мрежата на автопати. Па така, се оценува колку автопати се изградени на еден квадратен километар.
Во тој поглед, Словенија е лидер, бидејќи на секој квадратен километар има 34,1 метар автопат. Тоа ја прави земјата да се најде над просекот на повеќе земји членки на Европската унија. На второ место е Хрватска со 23,2 метри автопат на секој квадратен километар. Следува Косово, што на површина од околу 11.000 квадратни километри има 170 километри автопат, односно 15,6 метри на квадратен километар.
Србија, која има најголема површина, има 12,4 метри автопат на квадратен километар површина. Во Македонија тој просек е 9,4 метри на квадратен километар, а во Босна и Херцеговина четири метри.
Според податоците, во Македонија има 242 километри автопат. Класификацијата покаже дека, покрај автопатите, тука се и националните патишта во должина од 911 километри, регионални патишта (3.771 километар) и локални патишта (9.258 километри). Дел од македонските автопати, како што се наведува, се наследени од Југославија додека најголемиот дел од новите делници е направен по распадот на заедничката држава. Работите на автопатот што ќе го спојат Скопје со Косово би требало да почнат во 2020 година. Постојат планови за спојување на Гостивар и Кичево со автопат, како и Охрид и Струга кон албанската граница.
Фото: Pexels