Почетокот на летото во знакот на растот на цената на нафтата

На светските пазари цените на нафтата пораснаа и минатата недела, по остриот пад во првата половина од годината, бидејќи и покрај забавувањето на економскиот раст, побарувачката за „црното злато“ сè уште е релативно силна.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,7 отсто, на 78,47 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,5 отсто, на 73,86 долари. Иако растот на најголемите светски економии забавува, а исто така и потрошувачката, побарувачката за „црното злато“ сепак е малку повисока од очекуваното.

Така, минатонеделните податоци на американската влада покажаа дека залихите на сурова нафта се намалија за 1,5 милиони барели во претходната недела во САД, поостро од очекуваното, што укажува на солидна побарувачка.

Производството е намалено
Од друга страна, понудата е ограничена. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници сè уште го спроведуваат договорот за намалено производство оваа година, а Саудиска Арабија соопшти дека во јули ќе го намали производството за уште еден милион барели дневно. Тоа значи дека производството на ОПЕК+ е намалено за вкупно околу 5 милиони барели дневно или за околу 5 отсто од светската побарувачка.

„Намалувањето на производството на ОПЕК + ќе го заостри односот на понудата и побарувачката на пазарот, така што во втората половина од годината може да дојде до недостиг на понуда, што би ја поддржало цената на нафтата“, пишуваат аналитичарите на Морнингстар.

Побарувачката треба дополнително да ослабне
Но, движењето на цените, се разбира, ќе зависи и од побарувачката. А побарувачката очигледно дополнително ќе ослабне. Кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид.

Западните економии, од друга страна, дополнително ќе ослабат бидејќи американската ФЕД и Европската централна банка најверојатно ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки со цел да ја потиснат инфлацијата. И покрај растот на цената на нафтата две недели по ред, тие сè уште се во минус во однос на почетокот на годината, за приближно 8 проценти.