Почна изградбата на бугарскиот дел од Јужен тек

22

juzen tekИзградбата на бугарскиот дел на гасоводот Јужен тек започна вчера. Бугарскиот дел од Јужен тек, долг 540 километри, ќе чини 3,5 милијарди евра. Проектот ќе го финансира руската компанија Газпром, пренесуваат бугарските медиуми.

Спојувањето на првите цевки од гасоводот на бугарска територија, во селото Расово на северозападот на земјата, се пренесуваше на видео бим во текот на конференцијата за печат одржана во бугарската влада, во присуство на бугарскиот премиер Пламен Орешарски и извршниот директор на Газпром, Алексеј Милер.

“Почна изградбата на бугарскиот сектор. Станува збор за најголем инвестициски проект во Европа кој е пресуден за енергетската сигурност на целиот европски континент”, изјави Милер.

Гасоводот Јужен тек, чија изградба официјално почна во декември 2012 година, ќе ја поврзува Русија со Бугарија, а потоа преку Србија, Унгарија и Словенија ќе оди кон западна Европа.

“Проектот ќе обезбеди поевтин гас за бугарските корисници и ќе доведе до отворање нови работни места”, изјави Орешарски.

Планирано е Јужен тек да биде пуштен во функција во 2016 година, а ќе има капацитет од 63 милијарди кубни метри гас годишно.