
Почна реализацијата на гасниот интерконектор со Грција, со должина од 66,7 километри, на делницата од Гевгелија до Неготино, со првичен капацитет од 1,5 милијарди метри кубни на годишно ниво.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес, при одбележувањето на стартот на градежните активности, истакна дека овој проект ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување, поевтини цени за граѓаните, зголемена конкурентност за компаниите и, како силна порака, конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа. “Овој проект не е нова идеја но досега остана само идеја, иако беше ветувано претходно никогаш не беше започнат. Затоа денеска не правиме спектакл за да ги залажаме луѓето, туку да покажеме дека се работи со одговорност, истрајност и вистнски намери. Резултатите стигнуваат. Ова е само дел од поголемата слика, се поврзуваме со гасоводите на соседите, што ќе не направи регионална енергетска крстосница”, рече Мицкоски.
Финансиската вредност на проектот изнесува 3,7 милијарди денари (60 милиони евра), обезбедени со поддршка од ЕБОР, ЕИБ и ЕУ.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, нагласи дека ќе добиеме модерен гасовод, подготвен и за идниот транспорт на зелен водород, со можност за дуплирање на капацитетот. Тоа, потенцираше таа, значи енергетска стабилност за домаќинствата и конкурентност за македонската индустрија.
“Со воспоставување на интерконекцијата, Македонија станува активен дел од регионалната енергетска мрежа. Тоа отвора врати за извоз на енергија, привлекување на странски инвестиции и изградба на стратешки партнерства. Паралелно, работиме на тоа и конечно да ги завршиме сите формалности за да го ставиме во функција продуктоводот за транспорт на дизел. Успеавме да ги надминеме правните предизвици во однос на царинската регулатива, така што сега нема пречки ниту за користење, ниту за наплата. Во тек се технички испитувања, и очекуваме продуктоводот да биде ставен во употреба во наредните неколку месеци”, рече Божиновска.
Божиновска исто така извести дека се финализираат активностите за гасна поврзаност и со Србија. Во завршна фаза е изработката на техничката документација, по што ќе следи и изработка на проектот за градба. “Овие два клучни интерконектори – со Грција (чии градежни активности започнуваат денес) и со Србија – се поддржани од Европската комисија, и се вклучени во Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-Јонска стратегија за регионално поврзување)”, појасни министерката Божиновска.
Со ова, испраќаме јасна и гласна порака: “Македонија повеќе не е заложник на енергетска зависност и инфраструктурна изолација.”
Изведувачот на работите, кумановската компанија „Рапид билд“, треба да ги заврши работите за 22 месеци, односно интерконекторот да биде готов во 2027 година.











