Почна извлекувањето на Коста Конкордија

113

1

Операцијата за исправување на крузерот Коста Конкордија, која требаше да започне во шест часот, поради силното невреме доцнеше два часа и започна во осум часот. Исправувањето ќе трае 10-12 часа, а поморскиот сообраќај до островот Џилио е целосно забранет.

Дваесет месеци по несреќата на бродот, во која загинаа 30 лица, а две се сметаат за исчезнати, италијанските власти дадоа зелено светло за оваа операција на исправување на бродот. Со помош на цементни вреќи и посебно изработени метални платформи, претходно работниците успеаја да го стабилизираат бродот кој секој момент можеше да се излизга во подлабоки води. Планот е крузерот да се исправи со помош на челични јажиња и хидраулични дигалки, што е многу сложена и чувствителна операција, имајќи во предвид дека трупот на бродот е тешко оштетен. Ако се се одвива според планот и ги послужи времето, работниците со цврсти сајли прво ќе го заротираат бродот, а потоа со повлекување ќе го постават во исправена положба. Потоа Коста Конкордија ќе биде извлечена и ќе се изреже во старо железо.

Италијанските власти предвидуваат дека оваа операција ќе чини околу 600 милиони евра. Во операцијата ќе учествуваат 500 лица од 26 земји, од кои 120 се нуркачи, 70 заварувачи, 60 пилоти, 50 инженери, но и 10 биолози кои ја следат состојбата на морето. Сите тие имаат само една можност за овој потфат, затоа што нема план Б. За следење на операцијата се акредитирани преку 350 новинари, фоторепортери и ТВ сниматели од целиот свет.

Остатоците од бродот тежат 114.500 тони. Крузерот е долг колку три фудбалски игралишта и лежи навален во морето околу островот Џилио, откако во јануари 2012 година се насука на карпите и делумно потона. Во тој момент на бродот имаше 4.229 патници. Досега пет лица се обвинети за оваа несреќа, а судењето на капетанот на бродот Франческо Скетино се уште трае.

Image: TOPSHOTS-ITALY-SHIPPING-TOURISM-DISASTER-CONCORDIA

3

4

Cruise ship runs aground off Giglio