
На последниот ден од годината беше пуштен во функција нафтоводот Солун – Скопје, соопшти вчера извршниот директор на „Хеленик Енерџи“ („Helleniq Energy“), Андреас Сиамисис, говорејќи на настан на компанијата, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, а информацијата дека нафтоводот почна со работа, за дописничката на МИА од Атина, ја потврдуваат и извори од грчката компанија.
Нафтоводот Солун – Скопје повторно функционира по 13 години неактивност, веќе била испорачана првата пратка, а според истите информации, во следниот период ќе следи и втората.
Извршниот директот на грчката компанија, на вчерашниот настан истакнал дека во суштина станува збор за еден вертикален коридор за снабдување со традиционални производи, со оглед на тоа што нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е основниот производ во поширокиот регион.
Дополнително, според АНА-МПА, посочил дека работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Северна Македонија, туку и кон соседните пазари како Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкиот отпечаток на земјата во регионот.
Но, и дека се намалува значителниот сообраќаен метеж и оптоварувањето на животната средина во Солун, поради сообраќајот на цистерни, преку кои се вршеше снабдувањето во изминатите 13 години, односно во периодот кога работата на нафтоводот беше прекината.











