Почнува Саемот за градежништво и недвижности

23

downloadНа десеттото издание на Меѓународниот саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, што ќе се одржува од утре до 9 март на Скопскиот саем, ќе се претстават над 300 компании со разновидна програма од градежништвото.

Заедно со најголемиот бизнис настан од областа на градежништвото, Скопски саем ќе биде домаќин и на третиот Саем за недвижности и инвестиции – RealExpo.

Дел од најавените компании ќе изложуваат првпат, а дел по неколку годишно отсуство повторно се враќаат во халите на Скопски саем. На површина од 9.000 метри квадратни ќе се претстават компании од областа на градежни материјали, изолација, кровови, малтери, лепаци, бои и лакови, подови, лифтови, системи за обезбедување, плочки и санитарии, врати и прозори. Во надворешниот изложувачки простор, ќе се претстават компании со програма од градежната механизација. Покрај македонски, на саемот ќе има компании од Србија, Турција, Италија, Словенија, Косово, Германија и др.

“Саемот за градежништво и оваа година ќе понуди богата програма од градежната индустрија, а капацитетот е зголемен за 10% во однос на минатата година. Ќе се промовираат, нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти, а сето тоа ќе привлече експерти од областа на градежната индустрија кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучат и новите трендови во повеќе категории”, изјави oперативниот директор на Саемот за градежништво Валентина Димитрова.

На Саемот за недвижности карактеристична ќе биде најавената понуда од инвеститорите на 1.500 нови станови. На штандовите ќе се вршат промоции на нови објекти и ќе се промовираат поволните услови за купување станови преку проектот Купи куќа, купи стан.

Потенцијалните купувачи на недвижнини ќе можат да ги проследат градежните и инвеститорски компании како Адора, со понуда на енергетско ефикасни станови во Скопје, Охрид и Струмица, Трим, со станови во Скопје и Охрид, Настел, со станови во Скопје, како и понудите на Импексл 2, Еуроактива и Курум Холдинг со објект Гранд Престиж.

Во тек на саемот ќе се одвиваат и повеќе настани во Конгресниот центар на Скопски саем и на штандовите на изложувачите. Се чекува годишното издание на саемите за градежништво и за недвижности да надмине 15.000 посетители.