Подобрување на системот за управување со финансиите, еден од приоритетите во рамки на соработката со СБ

23

Проектот за интегриран информациски систем за управување со финансиите, којшто ќе овозможи  интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосна реализација, како и проектите за локални патишта, иновации и конкурентност, и за одржлив развој на општините се приоритетните проекти што треба да се реализираат во рамки на четиригодишната стратегија за партнерство што Република Северна Македонија ја има со Светска банка” – беше потенцирано на состанокот помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимовите на Министерството за финансии и Народната банка со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, што се одржа во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка.

На состанокот стана збор и за договорот којшто ќе овозможи реализација на Проектот за итно справување со ковид-19, а којшто беше потпишан неделава. Воедно се разговараше и за Проектот за модернизација на земјоделството, чијашто реализација ќе се овозможи по усвојување на Законот што е во собраниска процедура.

Во рамки на годишните средби, министерот оствари средба и со Џорџина Бејкер, потпретседателка на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка. Во соработка со ИФЦ, во моментов се спроведуваат неколку проекти, меѓу кои е и проектот за Поврзување на компаниите од Западен Балкан во делот на производствениот синџир на вредности. Проектот ќе помогне да се воспостави регионална  електронска платформа којашто ќе ги поврзе локалните МСП со локалните и глобалните компании, за што во тек е изработка на платформа. Во рамки на проектот ќе се работи и на надградба и продлабочување на капацитетот на локалните фирми.