Поголем извоз на металната индустрија со поддршка од Invest Macedonia

22

Повеќе македонски компании го претставија своето производно портфолио и деловни планови пред економските промотори кои покриваат над 20 национални пазари дисперзирани во различни географски подрачја. Во рамки на четвртиот циклус директни средби што ги организира Invest Macedonia се претставија  ТЕ-ТЕ Пласт, ФЗЦ 11 Октомври, ТЕП Раде Кончар, Завар, Братство и Свемек, пишува Миа.

Во рамките на овој циклус средби се таргетираа извозни компании од металната индустрија, а целта на тимот од Invest Macedonia е запознавање со производите и капацитетите на домашните извозници и обезбедување професионална помош во изнаоѓање странски купувачи и пристап до пазари во земјите кои што ги покриваат економските промотери.

Владимир Тевдов од ТЕ-ТЕ Пласт ја оцени средбата како позитивна и корисна на која заемно се разменети информации и дефинирани се заеднички полиња на дејствување.

“Остануваме фокусирани на континуирана реализација на овој проект и ќе продолжиме да бидеме цврста поддршка на домашните извозници во борбата за позначителен надворешен пласман и квалитативна препознатливост на македонските производи. Зголемувањето на извозот на домашни производи на глобалниот пазар останува во врвот на владината економска политика“, изјави Климент Шекеровски, заменик директор на Invest Macedonia.

Според Шекеровски, Invest Macedonia како високо професионален сервис за компаниите останува отворена за сите деловни субјекти кои би сакале да земат свое учество во овој проект, имајќи ја предвид важноста од потребата за сеопфатна поддршка и континуирана промоција на домашните производи на надворешни пазари во насока на нивен позначителен и олеснет пласман на нови пазари.