Поголеми субвенции за привлекување странски туристи

22

stranci-leto-2012-3Туристичките агенции и тур-операторите ќе добијат уште поголема поддршка за привлекување странски гости годинава. Освен за престој на туристи од Бенелукс, обезбедени се 60 милиони денари и за посетители од уште девет нови држави, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединети Арапски Емирати и Јапонија.

Министерот за економија Ваљон Сарачини денес соопшти дека од 2014 година субвенциите ќе важат и за туристите од Кина и Индија, а од 2015 и за Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија.

“Вкупно 663.633 туристи, од кои преку половина странски, односно околу 20.000 повеќе од 2011 и 80.000 повеќе од 2010 година, се ефектите од субвенционирањето на организираниот странски промет и поддршката за нискобуџетните летови. Евидентен пораст се забележува особено кај странските туристи безмалку за 100.000 во однос на 2010 и за 30.000 во споредба со 2011 година”, истакна министерот.

Лани остварени  се 122,3 милиони долари девизен прилив благодарение на туризмот, а во 2011 е забележан суфицит од 127 милиони долари.

Сарачини информира дека зголемување ќе има и на субвенциите за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за домашните и странските превозници. За таа намена годинава се проектирани 86 милиони денари, а за 2014, 135 милиони.

“Придобивките од овој вид субвенции се веќе познати, преку Визер лани се отворени шест нови линии, а годинава и дополнителни две”, посочи министерот.

При тоа условите за добивање владина поддршка за тур-операторите и туристичките агенции, остануваат непроменети.

Јордан Трајков, директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, потсети дека престојот на гостите во Македонија мора да биде со најмалку три ноќевања и појадок во некои од угостителските објекти.

“Организаторите за да добијат субвенции до Агенцијата мора да достават копии од договорите со превозниците (автобуски, авионски или железнички), копии од сметките и податоци за бројот на гостите. Потребно е да се достават и документи за договорот за закуп за сместување на туристите”, рече Трајков.

Роковите за аплицирање за сите видови барања од 1 јануари до 30 септември тековната година се 60 дена од заминувањето на групата и 30 дена од заминувањето на групата за сите видови барања од 1 октомври до 31 декември тековната година.