Полугодишниот извоз на Fiat Србија за прв пат под 500 милиони евра

23

Фото: Pixabay

Компанијата Fiat Chrysler Automobiles Srbija (FCA Srbija) во последните шест месеци на европскиот и северноамаериканскиот пазар извезла возила во вредност од 471,4 милиони евра, со што и понатаму, шеста година по ред е најголемиот српски извозник, се вели во извештајот на Министерството за финанси, а пренесува SeeBiz.

Исто како и минатата година, зад Fiat се наоѓа смедеревската железарница, HeSteel Srbija, чијшто полугодишен извоз тежи околу 403,4 милиони евра и е за 123 милиони евра (44%) повеќе во однос на истиот период лани. За разлика од ова компанија, извозот на фабриката од Крагуевац продолжува да паѓа и за прв пат нејзиниот актуелен полугодишен пласман е помал од половина милијарда евра.

Во првата половина на 2017, Fiat  извезол автомобили во вредност од 562,2 милиони евра, што е значително помалку споредено со полугодишните извештаи од претходните години.

Судејќи по досегашните бројки и годинава извозот нема да достигне милијарда, а најверојатно ќе биде и рекордно низок, со што се продолжува големиот пад на пласманот на моделот на 500 L на странските пазари.

FCA Srbija најдобриот извозен резултат го постигна во 2013 година, кога на странските пазари оствари девизен приход од 1,53 милијарди евра, за веќе следната да почне континуирано да паѓа, но сепак да се одржува над една милијарда. Така во 2014 извозот бележи 1,36 милијарди евра, во 2015 – 1,18 милијарди евра, а во 2016 – 1,07 милијарди евра.