Пониски цени на ТИР карнети и поголема важност за македонските транспортери

26

Пониски цени на ТИР карнетите, зголемена важност од 60 на 75 дена и наскоро повисока гаранција од 60.000 на 100.000 евра добиваат македонските транспортери преку понудата на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ и Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), јавува Миа.

Пакетот, како што се наведува, е практично издејствуван по барање на АМЕРИТ на Генералното собрание на ИРУ, што се одржа во ноември 2015 година, кога е усвоен нов стратешки документ за поедноставување и поевтинување на транспортот со ТИР карнети.

Емил Милев, управител на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ истакнува дека ставот на транспортната асоцијација беше поддржан и прифатен од сите земји членки на ИРУ и резултираше со прифаќање на предлогот на АМЕРИТ на меѓународно ниво.
Донесената одлука на ИРУ за зголемување на бенефициите за корисниците на ТИР карнети што ќе се одвива во три фази. Во првата се зголемува важноста на ТИР карнетот од 60 на 75 дена, а со тоа се овозможува подолг рок на користење на ТИР карнетите за корисниците, што во извесна мера им ја намалува финансиската изложеност и ја зголемува флексибилноста во работењето. Во втората фаза, која започнува од 10 јуни годинава, се врши намалување на цената на ТИР карнетите, и тоа од 9% до 32%, а во третата фаза, по препорака од меѓународниот ТИР ланец на гаранции се очекува зголемување на гаранцијата од 60.000 на 100.000 евра по ТИР карнет.