Пониски трошоците на живот во јануари

14

Трошоците на живот во јануари оваа година, во споредба со декември, се пониски за 0,2%, додека цените на мало се непроменети, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот од 0,2% во јануари 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежото и разладеното овошје за 1,9%, сушеното, соленото и пушеното месо за 1,6%, јајцата за 0,6%, сувото овошје и јаткастите производи за 0,5%, лебот и месото за 0,4%, свежиот и разладен зеленчук освен компир за 0,3%.

Во јануари, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај обувките за 3,7%, течните горива и мазива за 3,5%, туристичките аранжмани за 3,4%, малите алатки и останатите додатоци за домаќинствата за 1,7%, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 1,4%, предметите за лична хигиена и здравје за 1,3%, услугите за лична хигиена за 1%, превозот на патници со автобус за 0,8%, лековите и угостителските услуги во рестораните и хотелите за 0,6%, облеката и други нетрајни средства за домаќинствата за 0,3%, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за домаќинствата за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во јануари 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај другите пекарски производи за 2,9%, замрзнатиот зеленчук освен компирот за 2%, другите прехранбени производи за 1,9%, оризот и компирот за 1,8%, брашното и другите житарки за 1,5%, конзервираното овошје за 1,1%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1%, другите преработки од месо, рибата и морските плодови за 0,7%, помалку масното млеко, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0,5%, полномасното млеко за 0,3% и безалкохолните пијалаци за 0,2%.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 4,9%, средствата за чистење и одржување на станот за 3,2%, болничките услуги за 2,1%, автомобилите за 1,4%, малите електрични апарати за домаќинствата за 1,2%, големите електрични апарати за домаќинствата за 1,1%, накитот и часовниците за 0,3%, материјалите за одржување и поправки на станот и информатичката опрема за 0,2%.

Трошоците на животот во јануари 2016 година, во споредба со јануари 2015 година, бележат пораст од 0,1%, а цените на мало бележат пораст од 0,2%.