Поради кои причини луѓето најчесто банкротираат?

126

Банкрот претставува ситуација во којашто поединец или компанија не е во состојба да ги сервисира своите долгови. Според економска дефиниција, банкротот е дисциплинско средство што го поттикнува поединецот или управата на компанијата да направат темелни промени за да се подобри состојбата.

Во светот, за жал, постојано има случаи на банкроти, како на компании, така и на поединечни. Меѓу причините коишто најчесто ги доведуваат луѓето до банкрот се…

Отказ од работа

Без оглед на тоа дали сами сте си дале или сте добиле отказ, загубата на работа претставува сериозен проблем, додека не се најде друго решение. Со прекинот на работниот однос, запираат и приходите, но и други бенефити што ги добиваат вработените. Од друга страна, пак, сметките за режиски трошоци, рати за кредити, тековни расходи… се трупаат со несмалено темпо. Затоа, дури и кога не ни помислувате на отказ, заштедувајте по некој денар во “црн фонд“ што би можеле да го искористите во некоја лоша ситуација.

Непредвидени трошоци

Разбојништво во домот, елементарни непогоди, несакани и непланирани настани… можат да бидат сериозен проблем за многу семејства и да предизвикаат финансиски потешкотии. Овие ситуации поттикнуваат непредвидени трошоци што можат да го доведат семејството до раб на сиромаштија.

Здравствени проблеми

Здравјето е најважното нешто, но за тоа многумина стануваат свесни кога е доцна. Но, понекогаш не само негрижата, туку и други надворешни фактори можат да предизвикаат проблемите со здравјето. Високите трошоци за лекување, третмани, престој во болница и слично можат да предизвикаат големи финансиски проблеми.

Развод или смртен случај

Разводот на бракот, освен што е болен процес за сите членови во семејството, може да значи и голема финансиска загуба за двајцата партнери. Делење на заеднички стекнат имот, плаќање алиментација, тековни трошоци што треба да се покриваат во две различни домаќинства, исто така, може да значи чекор до банкрот. Доколку во семејството има смртен случај, освен емотивна загуба, може да доведе и до сериозни финансиски проблеми. Ова е особено нагласено ако починатото лице бил единствен извор на приход во семејството или по својата смрт оставило големи долгови што ќе “паднат“ врз грбот на неговите блиски.

Фото: Pixabay