
Жителите на австрискиот град Халштат протестираа во неделата против големиот број туристи, барајќи рамнотежа помеѓу профитабилен извор на приход и огромниот притисок врз животната средина и локалната инфраструктура.
Малото гратче покрај кристално чисто езеро, опкружено со карпести планини, се најде на листата на светско културно наследство, а во последните години стана вистинска туристичка мека, која во шпицот на сезоната може да привлече и до 10 илјади посетители, пишува Би-Би-Си.
Многу посетители доаѓаат во потрага по совршено селфи, со езерото и величествените планини во позадина.
Приливот на туристи предизвика гнев кај малку повеќе од 700 жители на Халштат и барања да се ограничи бројот на дневни посетители. Бараат и забрана за пристигнување на туристички автобуси по 17 часот, жалејќи се на бучава и густ сообраќај.
Австриската новинска агенција АПА објави дека демонстрантите околу пладне 15 минути го блокирале северниот влез на тунелот на локалниот пат. Според иницијаторот „Граѓаните за Халштат“, на протестот учествувале повеќе од 100 граѓани.
Туризмот сепак носи огромни придобивки за локалната економија, па се чини дека Халштат, како и Венеција и слични дестинации, ќе мора да се помири со негативните страни на неговата популарност.
Во мај, во знак на протест против бучавата и сообраќајот, мештаните накратко подигнаа дрвена бариера на најпопуларната локација за селфи, блокирајќи го погледот на Алпите. По критиките на социјалните мрежи, преградата беше отстранета.
Пред пандемијата на Ковид, Халштат годишно го посетувале околу еден милион туристи, забележува Би-би-си.











