Пораст на индустриското производство во септември

14

Индустриското производство во септември оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 4,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, бележи пораст од 0,3%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 4,7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 21,5%.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 6,2%, Капитални производи за 26,7% и Трајни производи за широка потрошувачка за 72,4%, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,3%.

Индустриското производство во периодот јануари – септември 2016 година, во однос на периодот јануари – септември 2015 година, е зголемено за 5,4%.