Пораст на трошоците на живот во март

22

700-00404119Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во март годинава во однос на претходниот месец бележат пораст од 0,1%, а во однос на март минатата година од 3,1%. Цените на мало во март годинава во споредба со претходниот месец бележат намалување од 0,1%, а во однос на март лани пораст од 1%.

Порастот на трошоците на животот од 0,1% во март 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на зеленчукот за 3,9%, овошјето за 2,5%, преработките од овошје и рибата за 0,7%, преработките од зеленчук и безалкохолните пијалаци за 0,2%.

Во март, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај лековите за 3,7%, авионскиот превоз на патници за 2,8%, нафтените деривати за 1,9%, храната и пијалаците во рестораните и хотелите за 0,4%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во март 2013 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај мастите за 2,7%, јајцата за 1,3%, преработките од месо и другите прехранбени производи за 0,4% и сушеното овошје за 0,2%.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење за домаќинствата за 13,8%, сообраќајните средства за 1,5%, обувките за 0,8%, облеката за 0,6%, течните горива и гасот за домаќинствата за 0,5% и средствата за хигиена за 0,3%.