Porsche ја покажа новата генерација на PCM системот

36

Инфозабавните системи стануваат витален дел од целото искуство на поседување нов автомобил, а за таа цел Porsche одлучи да им претстави неколку новини на своите клиенти.

Porsche ја претстави шестата генерација на инфозабавниот систем наречен Porsche Communication Management (РСМ), којшто ќе дебитира кај моделите 911, Cayenne и Panamera ова лето. Унапредениот инфозабавен систем на Porsche се одликува со подобрена графика, поинтуитивен изглед и Android Auto поддршка. Токму отсуството на последниот елемент беше еден од најголемите недостатоци, но за жал германската марка и понатаму нема да поддржува безжичен Android Auto.

Сопствениците на Apple уреди и понатаму ќе добијат предност бидејќи безжичниот Apple CarPlay ќе биде присутен, заедно со интегрираната поддршка за Apple Music и Apple Podcasts, а од компанијата истакнуваат дека “купувачите ќе можат да го поврзат својот Apple ID со своето возило преку Porsche Connect апликацијата или онлајн преку My Porsche“.

Предностите со Apple не завршуваат тука, бидејќи менаџерот за навигација и инфозабава во Porsche, Мартин Бајер, вели дека “со вградениот Apple Music, возачот ќе може да додаде песна која ја слуша на радио во својата Apple Music библиотека или, ако на возачот му се допадне одреден артист на радио, може да промени на своја посебна Apple Music станица која ќе пушта музика само од конкретниот артист“.

Настрана Apple и Google, инфозабавниот систем ја унапреди и Voice Pilot технологијата која одговара на Hey Porsche гласовната команда. Кога има потреба за навигација, системот од шестата генерација има нов хардвер и софтвер кој овозможува “уште побрзи калкулации од страна на навигацискиот систем, секогаш земајќи ги предвид информациите за сообраќајот во реален момент“. Навигацискиот систем исто така има и рационализиран преглед на мапата и подобра презентација на податоците за сообраќајот.

На крајот, тука се и неколкуте нови функции кои се позајмени од Taycan. Тука се вклучени интерактивниот Good to know, којшто функционира со мануелни и календарски внесувања од паметните телефони. Инфозабавниот систем исто така поддржува и безжични унапредувања, кои ќе му овозможат уште подобри функции со текот на времето.

Преземено од Avtoplus.mk