Потпишани Указите за прогласување на законите од т.н. петти пакет економски мерки

119

Претседателот Свето Пендаровски денеска ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година.

Во однос на уставноста и законитоста во работењето на Собранието, претседателот на државата нема надлежност истата да ја преиспитува, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд.

“Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е ‘достоен за функцијата која ја извршува’, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски ‘не бекнаа’ за овие екстремни и многу опасни предлози“, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

На крајот, претседателот Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи. Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија.

Фото: Pexels