Потроши пола милијарда долари и се откажа од трката за претседател

88

Медиумскиот магнат и еден од најбогатите луѓе на светот, Мајкл Блумберг, се откажа од трката за претседателски кандидат на американската Демократска партија.

Поранешниот градоначалник на Њујорк, кој потроши “мало богатство“ за да добие на популарност кај Американците, се откажа од понатамошната трка по лошите резултати  од “Супер вторник“ (денот кога повеќе сојузни држави одржуваат примарно гласање отколку било кој друг ден).

Тој ги прескокна првите четири скалила од процесот за избор на демократски кандидат, надевајќи се местото во трката за Белата куќа ќе може да го обезбеди преку сериозни вложувања и кампањи за време на “Супер вторник“. На крајот потроши 500 милиони долари и победи само во Американска Самоа.

По откажувањето, Блумберг ја поддржа кандидатурата на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, сметајќи дека има најголеми шанси да го победи Доналд Трамп. По откажувањето на Блумберг, реагираше Tрамп, обвинувајќи го дека фрлил милијарда долари.

“Мини Мајк Блумберг само што се откажа од трката. Можев одамна да му кажам дека го нема она што е потребно и така би заштедил милијарда долари, колку што навистина потрошил“, напиша Tрамп на Twitter.

Фото: Pixabay