Повеќе од два милиони туристи ја посетија Јапонија во јуни

34

Бројот на посетители на Јапонија се искачи на 2,07 милиони во јуни, соопшти во средата Јапонската Национална туристичка организација (ЈНТО), со што ја проби границата од два милиони за прв пат од февруари 2020 година.

Кјубеј, еден од малите бизниси лоцирани во луксузниот трговски кварт Гинза во Токио, преживеа пад на продажбата од 70 проценти за време на пандемијата „Ковид-19“, пренесува Ројтерс.

„Во споредба со 2019 година, бизнисот во нашите ресторани целосно се опорави или стана уште подобар, делумно благодарение на зголемувањето на странските туристи“, рече сопственикот и готвач Јосуке Имада.

Дури и со рекордниот топлотен бран во Јапонија, патниците се слеваат, искористувајќи го падот на валутата што ги направи одморите најевтини во последните неколку децении.

Туризмот во Јапонија беше речиси затворен во текот на двете години од пандемијата. Но, бројките постојано се зголемуваат откако владата го продолжи безвизниот режим за многу земји во октомври и ги укина преостанатите контроли за Ковид на 8 мај оваа година.

Во првите шест месеци од годинава 10,7 милиони туристи ја посетиле земјата на изгрејсонцето, соопшти ЈНТО.