Повеќе од половина од централните банки во светот работат на проекти на дигитални валути

150

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) извести дека во светскиот банкарски сектор сè почесто се појавуваат проекти поврзани со дигитални валути кои би ги издавале централните банки. Тие се познати под поимот Central bank digital currencies (CBDC), а во пракса треба да бидат дигитални верзии на готовина, т.е. фиат валути издадени и регулирани од централните банки. Нивното проширување во речиси целиот свет во последниве години е поттикнато од технолошкиот напредок во областа на криптовалутите, како и од намалената употреба на готовина во платежните трансакции.

97 земји и стотици проекти

Централните банки на многу земји во последните 5 години почнале да ги истражуваат дигиталните валути, а некои започнале и со проекти за истражување на воведување дигитална валута. Од 2020 година овој тренд дополнително расте, а бројот на централни банки што се впуштиле во овие води е речиси тројно зголемен.

Според податоци од ММФ, во јули годинава биле забележани 97 вакви проекти. Од нив 65 се во фаза на истражување, за 15 постои доказ на концепт, дополнителни 15 имаат и пилот-верзија на дигитална валута, а само два се започнати – оние во Нигерија и на Бахамите.

Овде можете да најдете интерактивна светска мапа со проекти за национални дигитални валути.
Македонија на мапата е сива, што значи дека Народната банка не работи на ниту еден проект за CBDC.

Предности и ризици

Дигиталните валути на централните банки би требало да ги зголемат сигурноста и ефективноста на платните системи, да послужат за промоција на финансиската вклученост на пошироката популација, но и да поттикнат конкуренција и да ги зајакнат финансиските системи преку забрзување на трансакциите со пониски трошоци.

Сепак, при нивно воведување треба да се води сметка и за стабилноста на класичниот финансиски систем. Клучна ќе биде нивната прифатеност во јавноста, односно побарувачката за таквите финансиски инструменти.

ММФ предупредува и на ризици за кои мора да се размисли, како ризикот од повлекување премногу готовина од банките за таа да биде претворена во дигитални пари, што би можело да доведе до криза во банкарскиот систем. Се посочува и ризикот од хакерски напади на новите финансиски системи.