Поврзување на домашните компании со странските инвеститори кои работат во земјава

40

Домашните компании ќе се поврзуваат со странските инвеститори кои работат во Македонија преку проектот што почнува да го реализира Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Сите домашни компании кои имаат потенцијал да станат добавувачи на странските инвеститори кои работат во земјава може да се пријават до 26-ти овој месец и да добијат можност да се интегрираат во долгорочните производни процеси на странските инвеститори, пишува Миа.

Очекуван резултат од зголемената соработка меѓу странските и домашните компании е постигнување интегрирана економија, односно интегриран инвестициски систем.

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија брои над 110 странски компании, односно најголемите компании од различни земји и сектори со значителни инвестиции во Македонија, со најголемо учество во извозната структура, целокупното вработување и растот на националниот БДП.

Бизнис директориумот ќе претставува интегрирана база на податоци на македонските претпријатија, со можност за преглед на податоци за одделни компании или селектирана група компании, групирани по одредени критериуми.

Бизнис директориумот ќе биде дистрибуиран до сите членки на Советот на странски инвеститори, до компаниите со странски капитал лоцирани во технолошко – индустриските развојни зони во Република Македонија и до идните странски компании кои ќе одлучат да инвестираат во земјата, до странски компании и меѓународни институции, стопански комори, професионални асоцијации, странски и македонски амбасади, со цел што полесно остварување деловна соработка со домашните компании.