Повторно патнички воз Скопје – Солун

21

Грчкиот патнички воз Хелас од денеска повторно сообраќа на железничката линија Солун – Скопје – Белград.

Од Скопје за Солун возот тргнува во 5:15 часот наутро, а пристигнува во 11:16 часот по локално време. Тргнувањето од Солун е во 15:52 часот, а пристигнувањето во Скопје во 19:50 часот.

Цената на билетот во една насока од Скопје е 12,2 евра, а на повратниот билет 19,5 евра. Според најавите, од 10 мај до 10 јуни билетите за сите патници ќе бидат поевтини за 30%. Од Белград возот ќе пристигнува во Скопје во раните утрински часови, а оттаму ќе тргнува во 18:15 часот.

Во текот на летниот период ќе сообраќаат и вагони за превоз на автомобили помеѓу Белград и Солун, а постои интерес и за повторно воведување директни вагони помеѓу Солун и главните градови на Чешка, Словачка и Русија. Се планира и воведување на железничка линија од Солун за Софија.

Меѓународниот воз Солун-Скопје-Белград не сообраќа од февруари 2011 година, откако грчките железници донесоа еднострана одлука за укинување на оваа линија.