Познати финалистите за Светски автомобил на годината

61

Жирито составено од 86 новинари од сите страни на светот на крајот избраа три возила коишто ќе се борат за престижната титула во финалето, а она што е најинтересно е што сите три автомобили кандидати за Светски автомобил на годината пристигнуваат од Далечниот Исток, со оглед на тоа дека во најтесниот избор влегоа: Mazda 3, Mazda CX-30 и Kia Telluride.

Освен најпрестижната, главна награда, на Светските автомобилски награди ќе се избираат победници и во уште четири категории. Така, во изборот за Светски градски автомобил на годината како финалисти влегоа: Kia Soul EV, Mini Electric и Volkswagen T-Cross. Кога станува збор за Светски луксузен автомобил на годината, финалисти се: Porsche 911, Mercedes EQC и Porsche Taycan.

За титулата меѓу перформансните автомобили ќе се натпреваруваат три модели на еден ист производител. Така, жирито ќе избира меѓу три модели на германски Porsche, а во игра се Porsche 911, Porsche 718 Spyder и Porsche Taycan. Кога станува збор за наградата за дизајн, истата ќе ја додели жирито составено од осум дизајнери, а финалисти во овој избор се Peugeot 208 којшто ја освои наградата Европски автомобил на годината, потоа Porsche Taycan и Mazda 3.

Последната област во којашто ќе се додели признание не се однесува на автомобилите, туку на личностите кои во голема мерка ѝ помогнале на автомобилската индустрија во изминатата година. Тука нема потесен избор, туку победникот ќе биде објавен на осми април на Салонот за автомобили во Њујорк, кога ќе бидат доделени и останатите награди.

Преземено од Avtoplus.mk