Право да се биде заборавен

79

guma

Фото: Pixabay

Во многу публикуваниот случај C‑131/12 Google Spain SL, Google Inc. v Agencia Española de Protección de Datos, Mario Costeja González, пред два месеца, Европскиот суд за правда го примени “правото да се биде заборавен“, барајќи од веб пребарувачите, во одредени случаи, да ги отстранат линковите до лични податоци за лицa, по поднесени барања. Одлуката на Судот, која што е конечна и се смета за право на ЕУ, потврди дека нужно е да постои рамнотежа помеѓу правото на приватност и правото на јавноста на пристап до информации, оставајќи им на веб пребарувачите да го воспостават овој баланс од случај на случај. Додека едни се поборници на вакви одлуки, други се плашат дека овој случај може да има влијание врз интернет индустријата и на светско ниво.

Но едно е јасно: оваа пресуда има огромно влијание врз начинот на работењето на објавувачите на online информации и веб пребарувачите.

Случај

На 5 март 2010 год., г-дин Костеја Гонзалез, шпански државјанин, поднесе тужба пред Шпанската агенција за заштита на податоци против La Vanguardia Ediciones SL, фирма што публикува дневен весник со голема популарност во Шпанија, особено во Каталонија, и против Google Spain и Google Inc. Тужбата беше поднесена поради наводите на г-дин Гонзалез дека кога интернет корисник го внесе неговото име во веб пребарувачот на Google, тој ќе добие линкови до две страници на весникот на кои има информации за г-диниот Гонзалез во врска со аукција на недвижности заради надоместување на долгови. Постапка се поведе пред Националниот Висок Суд на Шпанија, кој побара прелиминарно мислење од Европскиот суд за правда.

Судот констатираше дека од него се бара да утврди кои се обврските на веб пребарувачите за заштитување на лични податоци за индивидуи кои не сакаат одредени информации, што се публикувани на веб страници на трети страни, да бидат поврзани со нив, пронајдени, индексирани и достапни неограничено за интернет корисниците. Судот направи три клучни заклучоци, применувајќи ја Директивата 95/46 за заштита на лица во однос на обработка на лични податоци и Повелбата за основните права на Европската Унија:

1. Контролор. Судот требаше да одлучи дали Google, преку кој се смета дека се прават повеќе од 3,5 билиони пребарувања дневно на светско ниво, има својство на “контролор“ согласно Директивата. Судот утврди дека активноста на веб пребарувачите, која опфаќа пронаоѓање на информации објавени или ставени на интернет од трети страни; нивно автоматско индексирање; привремено зачувување и, на крај, овозможување овие информации да станат достапни за интернет корисници по одреден приоритетен ред, треба да биде квалификувано како “обработка на лични податоци“ во смисла на Директивата. Судот оцени дека веб пребарувачот мора да се смета како “контролор“ во однос на таквата обработка, па одлучи дека и Google го има ова својство.

2. Естаблишмент. Второто прашање на кое што судот требаше да даде одговор е дали Google e “воспоставен“ во Шпанија согласно предметната Директива. Google аргументираше дека Google Inc. е надвор од контрола на шпанските власти бидејќи е во странска сопственост и е лоциран во САД. По однос на ова прашање Судот се сложи со Генералниот Адвокат дека Директивата не бара шпанскиот ентитет да обработува лични податоци. Доволно е што таквата обработка е направена “во контекст на активностите“ на шпанското правно лице. Така судот одлучи дека Google Spain кој е подружница на Google Inc. на шпанска територија е естаблишмент во територијални рамки на Директивата, а обработката на податоци на Google Search е во доволна мера поврзано со профитабилните маркетиншки активности што се вршат од Google Spain во Шпанија.

3. Право да се биде заборавен. Најзначајното прашање за Судот беше дали Google требало да ги отстрани индексните линкови до натписот во весникот Ла Вангуардиа, иако оригиналната публикација може законито да продолжи да биде достапна на интернет.

Најнапред, Судот го потенцираше значењето на правото на приватност во услови кога веб пребарувачите имаат огромно влијание врз современото живеење. Така Судот наведе дека обработката на податоци од веб пребарувачите е подобно сериозно да влијае на основните права на приватност и на заштита на личните податоци на индивидуи кога пребарувањето е направено на основа на нивното име. А ова од причина што обработката му овозможува на било кој интерент корисник да добие преку листата на резултати структуриран преглед на информации што се однесуваат за предметната индивидуа, кои веројатно опфаќаат голем број на аспекти од неговиот приватен живот и кои без веб пребарувачот не би биле достапни или би биле достапни со поголема тешкотија. Исто така, ефектот на непочитување на индивидуалните права е зголемен поради значајната улога што ја има интернетот и веб пребарувачите во современото живеење, кои ја прават информацијата на секому достапна.

Судот издвои одредени методи на работење што веб пребарувачите треба да ги применуваат за да се смета дека делуваат во согласност со Директивата. Така, судот утврди дека без никакво влијание на специфичните одредби што земјите членки може да ги имаат во врска со обработка за историски, статистички или научни цели, контролорот има задача да се осигура дека личните податоци се обработени “на фер и законит начин“, дека тие се “собирани и понатаму обработувани во согласност со специфични, јасни и легитимни цели“, дека се “адекватни, релевантни и непретерувачки во однос на целите за кои се собираат и/или понатаму обработуваат“, дека се “точни, и кога е тоа потребно, ажурирани“, и на крај дека се “чувани во форма што овозможува идентификување на лицата за кои се однесуваат не подолго отколку што е тоа е потребно за целите за кои што податоците биле собирани или поради кои биле понатаму обработувани.“ Во овој контекст, контролорот мора да “ги превземе сите разумни чекори за да се осигура дека податоците што не ги исполнуваат овие стандарди се избришани или корегирани.“

Наведе дека Директивата дозволува обработка на лични податоци кога тоа е неопходно за легитимните цели на контролорот и за трето лице на кого податоците се оддавани, освен кога тие интереси се надминуваат со интересите и основните права и слободи на предметната индивидуа – особено на неговото право на приватност во однос на обработка на лични податоци. Поради тоа потребно е да се направи рамнотежа на спротиставените права и инволвирани интереси.

Судот се согласи дека отстранувањето на линкови од листата на резултати би можело, во зависност од предметната информација, да има ефекти врз легитимниот интерес на интернет корисниците што се заинтересирани да имаат пристап до таа информација, но потребно е да се направи фер рамнотежа помеѓу тој интерес и основните права на индивидуата во согласност со Повелбата за основните права на Европската Унија. Во пресудата е наведено дека основните права на лицето чии податоци се обработуваат ги надминува, како генерално правило, интересите на интернет корисниците. Рамнотежата што треба да се воспостави ќе зависи, во одредени случаи, од природата на информацијата и нејзината сензитивност во однос на приватниот живот на индивидуата, како и од интересот на јавноста да има пристап до таква информација, интерес што може да варира, особено, во зависност од улогата што ја има лицето во јавниот живот.

Освен до државните органи, Судот потенцираше дека засегнатите страни може да доставуваат барања за отстранување на лични податоци и директно до контролорите, кои што потоа се во обврска темелно да го разгледаат барањето, и ако случајот тоа го дозволува, да престанат со обработка на предметните податоци. Кога контролорот ќе го одбие барањето, лицето може да поднесе жалба до второстепен орган или да отпочне судска постапка. Судот одлучи дека Google бил одговорен за отстранување, од пребарувачи засновани на име, било какви линкови до лични податоци што се “неадекватни, нерелевантни или не се повеќе релеватни, или прекуброини.“ Ова се однесува и во ситуација кога информацијата е законски публикувана од трета страна – во случајов од весници – и кога таа трета страна не е во обврска да ја симне информацијата од изворот.

Улогата на Google во процесот на балансирање

Од судската одлука произлегува дека веб пребарувачите може да им овозможат на лица да поднесат барање за остранување на линкови до веб страници од пребарувачи засновани на имиња. Тоа го направи и Google поставувајќи он лајн платформа за да ги разгледува таквите индивидуални барања.

Во однос на платформата Google образложува дека кога ќе се разгледуваат индивидуалните барања, ќе се цени дали резултатите вклучуваат стари информации за подносителот, како и дали постои јавен интерес во информацијата – на пример, информација за финансиски малверзации, непрофесионално постапување, кривични осуди, или однесување на владини преставници.

Според The Independent до Google има пристигнато околу 70.000 барања за отстранување на линкови, и ако Google ги прифати сите барања, што е малку веројатно, тогаш 267.550 веб страници би биле избришани. Како Google не дава можност за поднесување на жалба во случај барањата да бидат одбиени, на незадоволните подносители им останува можноста вонсудски или судски да го решат евентуалниот спор со Google.

Реакции по донесената пресуда

Во известување до јавноста, адвокатската куќа Baker and McKenzie, чиј члиент е Google, изјави дека образложението на судот е “изненадувачко“. Според нив судот не направил “балансирање помеѓу правата на приватност на податоците на лицата; легитимните интереси на Google и правата на другите на примаат информации.“ Наспроти тоа, Baker and McKenzie смета дека судот заклучил дека индивидуалните права “предначат, како генерално правило пред интересите на јавноста да имаат пристап на таа информација.“

Јован Курбалија, директор на Женевската интернет платформа, изјави за Intellectual Property Watch дека судот: “…веројатно отиде предалеку во однос на глобалниот контекст … за заштита на приватноста, особено од перспектива на САД, кои прават различно урамнотежување на правото на приватност и другите права.“ Сепак тој цени дека ЕУ е: “… единственото моќно меѓународно тело што може да воспостави контрола и ограничувања врз интернет индустријата. Што се случува во Брисел може да влијае не само на ЕУ но и на остатокот од светот.“

ЕДРИ групата преку својата изјава до медиумите смета дека постои еден вид на “погрешна информација“ околу случајот. Според оваа група терминот “право да се биде заборавен“, спротивно на тоа на што може да алудира, не значи дека Google ќе избрише податоци. Ник Аштон Харт, поранешен преставник на Асоцијација за комјутерска и комуникациска индустрија додава за Intellectual Property Watch: “Едноставно правејќи некои информации да бидaт потешко најдени – и само за Европјани – не значи дека некој или нешто е заборавено. Отстранување на референца од индексот на Google не значи дека е заборавена, особено во случај на јавно достапни извори како весници.“

Имајќи во предвид дека Google Inc. е присутен на македонска територија преку Google Macedonia, се поставува прашањето дали поединечни индивидуи, кои ценат дека нивното право на приватност е загрозено со начинот на кој работи веб пребарувачот преку кои се добиваат податоци за лични аспекти од нивниот живот, ќе испратат барања до Google за отстранување на таквите линкови? Иднината тоа ќе го покаже.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje