Препорака во закон

29

slucai

Фото: Pixabay

Зборот “препорака“ не звучи силно во споредба со зборот “закон“.

Но, “препораките“ на Советот на Европа се почеток на движење во нејзините земји членки, вклучувајќи ја и нашата земја, за создавање на “закони“.

На почетокот на март 2016 година, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои препорака бр. CM/Rec(2016)3 до земјите членки за бизнис и човекови права (“Препорака“).

Оваа Препорака се подготвуваше неколку години во дипломатските и правни кругови. Во воведниот дел, неизненадувачки, Советот на министри се повикува на веќе донесените конвенции и усвоени принципи на кои се темели оваа Препорака, како Европската конвенција за човекови права, Водечките принципи за бизнис и човекови права усвоени од Обединети нации и Коментарот 16 на Комитетот при Обединети нации за правата на децата.

Што препорачува оваа регионална организација на земјите членики? Пет работи:

  1. Да ги прегледаат законодавството и праксата за да се осигураат дека истите се во согласност со насоките дадени во анексот на Препораката. Дел од насоките не се нови и за нив веќе пишувавме во претходни текстови. Но, оваа Препорака содржи некои нови насоки кои се очекува да имаат влијание врз промена на сегашното и усвојување на ново национално законодавство и пракса:
  • “Регионализиција“ на принципи. Користејќи се со речникот на Европскиот суд за човекови права, Советот на министри потенцира дека земјите имаат обврска да ги заштитат поединците од повреди на нивните човекови права од трети страни, вклучувајќи и од деловните претпријатија. Тоа би значело дека државите треба:

– да ги спречат повредите на човековите права таму каде што надлежните органи знаат или би требало   да знаат дека постојат вистински ризици за настанување на тие подреди;

– да преземат независна и непристрасна истрага таму каде што има основано сомневање дека такви повреди се случиле;

– да преземат гонење; и

– да применат ефикасен и достапен систем за репарација на жртвите од повредите на нивните права.

Европската социјална повелба и нејзиниот протокол за колективни жалби се други важни инструменти за заштита од повреди на човековите права од страна на деловните претпријатија, особено на работничките права. Она што е навистина прогресивно и заслужува пофалба е тоа што од државите се бара да ги анализираат сите закони од аспект на тоа како тие би влијаеле врз уживањето на човековите права.

  • Обврска за спроведување на due diligence по човекови права. Не само државите да охрабруваат, туку и да бараат од деловните претпријатија да применат due diligence по човекови права низ нивните деловни операции, како и процена на влијанијата врз човековите права (human rights impact assessments) на одредени проекти на претпријатето.

Но, ваквата обврска не се однесува само за деловните претпријатија во приватна сопственост, туку и таму каде што државата е основач или го контролира деловното претрпијатие; таму каде што дава значајна поддршка и дава услуги преку агенции, како на пример преку агенции за осигурување на инвестиции; дава лиценци на деловни претпријатија, склучува комерцијални договори со претпријатијата, на пример преку договори за јавни набавки; или гo приватизира давањето на услуги, на пример преку приватно обезбедување на државен имот.

  • Закони наспроти меѓународни стандарди за човекои права. Обврска што заслужува внимание е онаа која бара од земјите членки да усвојат законски мерки со цел да спречат домашните судови да применат закон што не е во согласност со меѓународните стандарди. Во нашето законодавство сè уште не е предвидена изречна обврска деловните претпријатија да спроведат due diligence по човекови права наспроти меѓународните барања и стандарди. Оттаму се поставува прашањето како судовите би постапиле во случај кога тужители поднесуваат тужба против правно лице за повреда на нивните права која настанала како последица на неспроведување на due diligence по човекови права на компанијата? Сè уште нема домашна судска пракса на ова поле, но иднината ќе покаже како ќе постапуваат судовите.
  • Административни правни лекови. Препораката бара од надлежните органи пред да донесат одлука дали да дадат поддршка, услуга или лиценци на деловни претпријатија, да утврдат дали деловните операции на компанијата создаваат ризици по човекови права. Се бара овие првостепени одлуки да бидат предмет на административна или судска контрола. Во наш контекст, тоа би значело заинтересирани лица да имаат право да се жалат до второстепена комисија, а потоа евентуално до Управен суд, против управниот ако сметаат дека во носењето на одлуката органот не ги земал во предвид ризиците по човековите права на бизнис претпријатието.
  1. Споделување на Препораката со заинтересирани страни, што би значело и со деловните претрпијатија со цел да се подигне нивната свест за корпоративната одговорност да ги почитуваат човековите права и да придонесат за нивна реализација. Овој текст е доказ дека и останати заинтересирани страни, секоја во рамки на своето работење, треба да ја промовираат, анализираат и применуваат Препораката.
  2. Споделување на примери на добра пракса поврзана со примената на Препораката. Цел е добри пракси да бидат внесени во заедничка дата база која ќе биде одржувана од Советот на Европа и ќе биде јавно достапна. Цениме дека ваквата дата база ќе биде особено корисна бидејќи ќе влијае мотивирачки за бизнис претпријатијата да бидат пионери и предводници во нивниот сектор во однос на примена на обврската за почитување на човековите права во деловното работење
  3. Споделување на Национални акциони планови за примена на Водечките принципи за бизнис и човекови права. Нашата земја сè уште нема изготвено ваков Национален акционен план, а од земјите во регионов само Србија е во процес на изготвување на ваков план. Интересно е што Советот на Европа посочува дека во изготвување на овие планови, земјите членки треба да користат веќе изработени упатства и прирачници и треба да ги вклучат сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги деловните претпријатија, синдикати и невладини организации. Навистина постои огромна литература за тоа како се подготвуваат овие планови, но потребна е обука на заинтересираните страни како истата да ја применат.
  4. И во рок од пет години од денот на нејзиното донесување, во рамки на Советот на министри, земјите да покажат како ја примениле Препораката. Цениме дека оваа временска рамка е доволна земјите, вклучувајќи ја и нашата, да се нурне суштински во анализа на оваа Препорака и да започне да ја применува.

Се разбира заедно со Вас, читатели на текстов!

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje