Претставени инвестиционите проекти пред Британската бизнис групација

20

На бизнис форумот кој го организираше британската Амбасадата, во соработка со Британската бизнис групација во Македонија, министерот за економија Ваљон Сарачини ги запозна британските бизнисмени со бизнис климата во Македонија, како и со актуелните инвестициски проекти.

Тој потенцираше дека работата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица се одвива со полн капацитет и динамика, дека заклучно со декември 2013 на овој патен правец ќе се инвестираат околу 40 милиони евра, а целосната градба и инвестиција од 220 милиони евра планирано е да заврши до 2016 година.

“За финансирање на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид, Владата се одлучи на заем од Народна Република Кина, од поволните програми на Ексим банката на НР Кина, кој е одобрен за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип, а во завршна фаза на одобрување во министерството за трговија е заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга, а износот на инвестицијата на овие два автопата ќе биде околу 574 милиони евра без ДДВ”, истакна Сарачини.

Сарачини ги посочи ХЕ Бошков мост и акумулацијата Луково поле, појаснувајќи дека до крајот на оваа година, ќе почнат подготвителните градежни работи на ХЕ Бошков Мост, проект вреден 107 милиони евра. Во текот на 2014, по завршувањето на студиите за влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, ќе започне изградбата на акумулацијата Луково Поле, со која ќе се обезбедат дополнителни 156 GwH. Средствата за овие два проекти се обезбедени од ЕБРД и Светска Банка.

“Владата планира со меѓународен јавен повик да привлече компанија која ќе инвестира во целосно и темелно истражување за руди и минерали на територијата на цела држава. Со оглед дека овој проект е мошне скап, би се обиделе да овозможиме наместо со плаќање за услугата, на компанијата која ќе биде избрана на тендер да и се овозможи предимство на експлоатација на едно или неколку наоѓалишта, за што секако ќе плаќа концесиски надомест, согласно тарифникот”, потенцираше министерот Сарачини претставувајќи ги проектите во областа на минералните суровини.

На Форумот беа презентирани условите и процедурите за добивање на дозвола за привремен престој заради вработување, работа и самостојно вршење на дејност од страна на странци, согласно одредбите од Законот за странци и Законот за вработување и работа на странци, новитетите во Законот за инспекциски надзор, како и применетите LIP стандарди за самогасечки цигари во Република Македонија.

Од форумот произлегоа и неколку заклучоци, меѓу кои членовите на Британската бизнис групација да ги анимираат своите бизнис партнери од Обединетото Кралство за текот на инвестиционите проекти во Македонија и за можностите за инвестирање во нив, а за секое прашање на бизнис субјектите поврзано со делокругот на работењето на Министерството, да биде определено контакт лице во институцијата, преку кое полесно ќе ги добијат одговорите на нивните прашања, а со самото тоа и ќе им биде олеснет начинот на нивно работење.

На крај на средбата беше предложено организирање на заеднички хуманитарен настан, за кој предлогот би го дале членките на групацијата, а во кој би се вклучиле и македонските деловни субјекти.